• сабота, 21 декември 2024

МЗТ Скопје драстично ослабен во Златибор

МЗТ Скопје драстично ослабен во Златибор
Скопје, 22 март 2021 (МИА) – Екипата на МЗТ Скопје Аеродром ќе биде драстично ослабена на претстојниот „балон“ од АБА2-лигата на Златибор, со оглед што во последен момент од тимот отпаднаа дури тројца кошаркари и двајца од стручниот штаб. - Екипата во соседна Србија отпатува без Американците Феми Олуџоби и Хасани Гравет, кои се посериозно повредени и без кои може да бидеме (по)долго време. Првиот потешко го повреди коленото, за кое лекарите се сомневаат дека има скинати предни лигаменти, дијагноза која допрва треба да се потврди. Ако се остварат црните најави, тогаш високиот центар дефинитивно нема да може да ѝ помогне на екипата до крајот на сезоната. Вториот, пак, има повреда на задната ложа, која воопшто не е наивна и поради која ќе мора да мирува најмалку две недели, а потоа ќе треба да мине и низ период на рехабилитација, информираат од таборот на аеродромци. Во Скопје остана и Андреј Магдевски, кому денес му завршува периодот на изолација по прележаниот коронавирус, поради кој ги пропушти последните средби како и голем број тренинзи. На пат кон Златибор не тргнаа ниту новите членови на стручниот штаб, Васко Атанасов и Михајло Шејкеровски, кој ќе ја има улогата на кондициски тренер, кои исто така беа позитивни на последната проверка за Ковид-19 пред тргнувањето кон Србија. Поради сето ова, МЗТ Скопје Аеродром на средбите против Спарс (вечерва од 21 часот), Горица (четврток) и Златибор (недела) ќе настапи со девет кошаркари во ростерот. „Сино-белите“ моментов е на четвртата позиција на табелата со скор 6-4 (победи-порази). зс/

Остани поврзан