МЖСПП: Нови финансирања за унапредување на природата и биолошката разновидност на Зелената агенда за Западен Балкан
- Во коорганизација на Министерството за животна срдина и просторно планирање (МЖСПП) и Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) денеска се одржа регионална конференција со која почнаа два големи регионални проекти предводени од ADAPT 2.0 и Позеленување на Западен Балкан, со кои ќе се зајакнат напорите на нашата држава и државите во регионот во рамки на столбот за природата и биолошката разновидност на Зелената агенда за Западен Балкан.

Скопје, 11 март 2025 (МИА) - Во коорганизација на Министерството за животна срдина и просторно планирање (МЖСПП) и Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) денеска се одржа регионална конференција со која почнаа два големи регионални проекти предводени од ADAPT 2.0 и Позеленување на Западен Балкан, со кои ќе се зајакнат напорите на нашата држава и државите во регионот во рамки на столбот за природата и биолошката разновидност на Зелената агенда за Западен Балкан.
Овие проекти, како што информира МЖСПП, ќе ја поддржат посветеноста на регионот за зачувување на биолошката разновидност и отпорност на климата, работејќи во соработка со релевантните власти, експертите и граѓанското општество.
Зелената агенда за Западен Балкан (GAWB), како што се наведува, е патоказот на регионот за усогласување со Европскиот зелен договор и Стратегијата за биолошка разновидност од 2030 година, која има за цел да заштити најмалку 30 отсто од копното и морето. Законот на ЕУ за обнова на природата, клучна компонента на оваа стратегија, го интегрира обновувањето на биолошката разновидност во развојните политики, обезбедувајќи дека зачувувањето на природата е камен-темелник на одржливиот раст.
Државниот советник за климатски промени во Министерство за животна средина и просторно планирање Теодора Обрадовиќ Грнчаровска на отворањето на конференцијата во Скопје истакна дека пристапот кон решенија засновани на природа бара холистичко планирање, учество на заедниците, ефективно управување и долгорочна посветеност за кој МЖСПП сериозно пристапува преку измена на законската легислатива за природа. - Овие решенија нудат одржливи и исплатливи начини за справување со климатските и еколошките предизвици, притоа обезбедувајќи придобивки за луѓето и природата, рече Обрадовиќ Грнчаровска.
Оливер Аврамоски, регионален директор на IUCN за Источна Европа и Централна Азија информира дека проектот на IUCN „Позеленување на Западен Балкан“, поддржан од Австриската агенција за развој (ADA), ќе биде инструмент за унапредување на регионалната соработка за заштита на биолошката разновидност. Според него, со зајакнување на Работната група за биолошка разновидност за Западен Балкан (BDTF WB), проектот ќе ја зајакне меѓусекторската соработка и ќе ги интензивира напорите за мониторинг и истражување. Преку подобрено собирање и анализа на податоци, ќе обезбеди научно засновани увиди за информирање на одлуките за политиките и следење на напредокот кон целите на биолошката разновидност.
- Зелената агенда за Западен Балкан е критична рамка за иднината на регионот која го интегрира зачувувањето на природата во развојните приоритети, истовремено поттикнувајќи ја регионалната соработка. Како Секретаријат на Работната група за биолошка разновидност на Западен Балкан, IUCN останува посветена на поддршката на регионалните и националните партнери во заштитата на неспоредливата биолошка разновидност во регионот, како и на промовирање решенија засновани на природата кои ја користат моќта на природата за да ги ублажат климатските промени, да ги обноват и трајните придобивки и биодиверзитетот на луѓето, изјави Аврамоски.
Од ресорното министерство информираат дека проектот ADAPT 2.0: Решенија базирани на природата за ублажување и адаптација на климатските промени во Западен Балкан, предводен од IUCN, финансиран од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида), е дизајниран да ги вгради решенијата засновани на природата (NbS) во националните и регионалните политики. Надоврзувајќи се на успехот на првата фаза, проектот, како што се наведува, ќе го поддржи развојот на Планот за обнова на шумите на Западен Балкан и ќе има за цел да создаде регионален фонд за зголемување на напорите за реставрација и обезбедување долгорочни инвестиции во климатски решенија засновани на природата.
Марија Мелбинг, раководител на Одделот за Западен Балкан за развој на Агенција за Западен Балкан и Турција изрази задоволство што ги поддржуваат овие акции. - Горди сме што ги поддржуваме овие акции, бидејќи тие играат клучна улога во интегрирањето на решенијата засновани на природата во регионалните напори за адаптација на климата. Со унапредување на еколошката одржливост и социо-економскиот развој, ние негуваме поотпорна иднина за Западен Балкан, нагласи Мелбинг.
На вториот ден од конференцијата ќе биде промовирана Практична примена на решенија засновани на природата (CoP NbS), на IUCN и проектот EU4Green, финансирана од Европската Унија и Австриската агенција за развој (ADA) и имплементирана од Агенцијата за животна средина, Австрија, за поддршка на регионот во спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан. Целта е да се соберат водечките експерти, креатори на политики и практичари за да го поттикнат усвојувањето и рангирањето на NbS обезбедувајќи и на природата централно место во одржливиот развој во регионот.
Конференцијата ќе заврши со 13-тиот редовен состанок на Работната група за биолошка разновидност на Западен Балкан (BDTF WB), свикана од IUCN како Секретаријат на BDTF WB, под покровителство на Регионалниот совет за соработка и ќе се фокусира на клучните случувања во политиката за биолошка разновидност, зајакнување на регионалните напори за усогласување со заложбите на ЕУ за биолошка разновидност и унапредување на зачувувањето на природата и обновувањето на екосистемот низ Западен Балкан. мд/са/
Фото: МЖСПП