Меџити и Хоџа на терен: Населбата Дижон се трансформира од темел
- Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа денеска извршиле теренска посета во населбата Дижон, каде што се спроведува една од најсеопфатните инфраструктурни интервенции во општината.
Скопје, 1 март 2026 (МИА) - Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа денеска извршиле теренска посета во населбата Дижон, каде што се спроведува една од најсеопфатните инфраструктурни интервенции во општината.
Како што информираат од прес-службата на Општина Чаир, проектот опфаќа 18 улици и се наоѓа во завршна фаза на реализација. Инвестицијата вклучува изградба на нова фекална канализациска мрежа, нов водоводен систем и целосна реконструкција на улиците, со што на оваа населба ѝ се обезбедува нов стандард на живеење.
-Фекалната канализациска мрежа е целосно завршена на сите улици и споредни краци, додека водоводната мрежа е во завршна фаза, со реализирани над 70 проценти од работите. По целосното завршување на водоводот, ќе се изврши технички прием од ЈП „Водовод и канализација“, како формален чекор кон финализирање на инвестицијата. Последната фаза ќе биде асфалтирањето на сите улици опфатени со проектот, посочуваат од општината.

-Ова е работа што се реализира со темпо, со план и со мерливи резултати. Дижон се трансформира од темел, со модерна инфраструктура и стандард што граѓаните го заслужуваат, истакнал Меџити.
Хоџа ја оценил важноста на проектот за подобрување на условите за живот и заштита на животната средина, нагласувајќи дека инвестициите во основната инфраструктура се темел за одржлив развој и повисок квалитет на живот за граѓаните. Тој нагласил дека проектот е резултат на успешната соработка меѓу локалната и централната власт, како пример за институционална координација во интерес на јавноста.
Од Општина Чаир посочуваат дека со завршувањето на оваа фаза, проектот во Дижон ќе биде целосно комплетиран, обезбедувајќи модерна, функционална и одржлива инфраструктура за жителите. фф/вг/
Фото: Општина Чаир