• сабота, 22 февруари 2025

Меџити: Еднаквата застапеност во јавната администрација е наш приоритет

Меџити: Еднаквата застапеност во јавната администрација е наш приоритет

Скопје, 18 февруари 2025 (МИА) - Првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити зборувајќи за  правичната и еднаква застапеност во јавната администрација рече дека додека не се донесе законот за правична и еднаква застапеност, постои политички договор за соодветна застапеност на Албанците при вработувањата, соопшти Демократското движење.

Како што истакнал Меџити во подкастот FOL на ТВ Феста, слично како во здравството, доколку сега би постоел механизам за баланс, немало да може да се донесат 50 отсто од одлуките.

-Второ, правичната застапеност важи за сите институции, и во текот на оваа година ќе има значителен број вработувања и унапредувања. Можам да кажам дека она што другите го направија во еден мандат, ние ќе го реализираме за една година. Процесот веќе започна во сите институции каде што застапеноста на Албанците била симболична, рекол Меџити.

Во однос на законот, тој додал дека се очекува последниот состанок за финализирање на формата на законот за соодветна застапеност, а најверојатно истиот ќе биде во рамки на Агенцијата за државна администрација, со зголемување на нејзините надлежности, така што ќе ги вклучува и Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана.

-Секако, ќе биде побарано и мислење од Венецијанската комисија, а со тоа мислење, законот ќе влезе во собраниска процедура. Откако ќе биде изгласан, нема да има можност ниту Уставниот суд ниту други комисии да го поништат законот, нагласил Меџити. сст/

Фото: МИА архива

Остани поврзан