• вторник, 26 ноември 2024

Меџити: Да не се плука по сите здравствени работници, со име и со презиме да се знае кој е виновен

Меџити: Да не се плука по сите здравствени работници, со име и со презиме да се знае кој е виновен

Скопје, 31 јануари 2024 (МИА) - Министерот за здравство Фатмир Меџити, на новинарско прашање за вчерашните случувања околу скандалот „Онкологија“, денеска повика да не се плука по сите здравствени работници. Тој рече дека остава на истражните органи да испитаат до крај и со име и презиме да се знае виновникот.

- Во врска со вчерашниот настан, го знаете мојот став. Стоиме на располагање со дополнителни информации, доколку мислат дека ги има во Министерството за здравство. Веќе еднаш засекогаш треба органите да постапат правилно навреме и да не оставиме да не биде решен ниту еден случај. Повторувам, одговорно, најморално и професионално и како лекар и како министер, велам оти нема да оставиме веќе работите во здравството да се талкаат со години нерешени проблематики. Оставам на истражните органи да се испита до крај и како што кажавме, со име и со презиме да се знае веќе кој е виновен. Да не се плука по сите здравствени работници, тоа нема да го дозволам, нагласи министерот за здравство.

Тој беше прашан, бидејќи се сомничат доктори од Онкологија, како ќе се одрази ова врз работењето на Клиниката.

- Ништо нема да се одразува кон функционирањето на Клиниката. Со менаџерите таму ги презедовме сите мерки. Клиниката функционира перфектно, со прегледи, со терапија, со сѐ, нагласи Меџити.

Министерот беше прашан и за најавените вработувања во здравството.

- Во Министерство за финансии мислам дека не се дадени сите согласности, но, при крај се, тие ги разгледуваат. Од страна на Министерството за здравство, сѐ е направено законски, како што треба. Повторно ги повикувам и финансии и Фондот за здравство и сите инволвирани други институции, МИОА, за брзо да дејствуваме. Лично како кабинет, јас и вие новинарите кои помагавте, се изборивме како никогаш досега, 1.117 вработувања се голем број. Некои партии кажуваат ова се предизборни вработувања. Не е вистина. Нема врска со предизборната кампања, подвлече Меџити.

Во однос на повторната појава на големата кашлица, на прашање дали е можно да се направи кампања заедно со Министерството за труд и социјална политика за важноста на вакцинирањето, или пак одредени законски измени во однос на вакцинацијата, Меџити кажа дека нема простор за паника за состојбата со големата кашлица.

-Ние како никогаш досега со УНИЦЕФ, со сите други релевантни институции, европски, за вакцинација, сме во тесна соработка. Како што кажав, нема простор за паника, ова е сезона на грип, но, сѐ е под контрола. Крајно време е да се смени овој ментален склоп, да се вакцинираат децата, тоа значи живот. Тие се нашите најмили. Повторно повикувам, нема ништо лошо во вакцините. Овие табуа еднаш засекогаш треба навистина да бидат минато, рече Меџити, во изјава на Клиниката за урологија, каде беа одбележувани на над 500 бубрежни трансплантации. бд/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан