• вторник, 24 декември 2024

Меѓуѕвезден метеор се судрил со Земјата

Меѓуѕвезден метеор се судрил со Земјата
Вашингтон, 14 април 2022 (МИА) - Неодамна објавен документ од Командата за вселенски операции на САД, го потврди првиот познат меѓуѕвезден метеор што во поблиското минато ја погодил Земјата. Меѓуѕвездените метеори потекнуваат вон нашиот Сончев Систем, и се многу ретки. Но, според наводите, на 8 јануари 2014 година, еден се урнал североисточно од Папуа Нова Гвинеја - во Тихиот Океан. Телото било идентификувано како меѓуѕвезден метеор во научен труд од 2019 година, од Амир Сираџ - тогашен студент на Универзитетот Харвард. Во тоа време, Сираџ, заедно со проф. Абрахам Леб, го истражуваше „Оумуаму“ - и тогаш познат објект, откриен 2017 година. Но, големата брзина е она што на Сираџ му паднало во око на почетокот. Пресметките покажале дека вселенското тело се движи со брзина од 60 километри во секунда кон Сонцето. Мапираната патека пак, открила дека тоа е во самостојна орбита, за разлика од затворените орбити на движење на други метеори. Тоа значи дека не орбитира околу Сонцето како другите метеори, т.е. доаѓа надвор од Сончевиот Систем. Лоеб и Сираџ, сепак, не можеле да ги објават своите научни наоди, бидејќи нивните податоци биле преземени од базата на податоци „ЦНЕОС“ (CNEOS) на НАСА, што не открива колку се точни читањата. По долги години обиди да ги добијат потребните дополнителни информации, тие сега добија официјална потврда дека навистина се работи за меѓуѕвезден метеор, од Џон Шо - заменик командант на американската Вселенска команда. „Д-р Џоел Мозер, главен научник на Командата за вселенски операции, ја прегледа анализата на дополнителните податоци со кои располага Министерството за одбрана во врска со ова откритие. Д-р Мозер потврди дека проценката на брзината пријавена во НАСА била доволно точна за да укаже на меѓуѕвездено тело“, пишува Шо во писмото. Откако добија потврда од властите, Сираџ и неговиот тим повторно се потрудиле да ги објават своите наоди во научно списание. Тој, исто така, би сакал да се обиде да земе примерок од метеорот од Тихиот Океан, но признава дека тоа би било многу тешко изводливо, поради големината на потфатот. Кога истражувачите би можеле „да го зграпчат светиот грал кај меѓуѕвездените тела“, вели Сираџ, тоа ќе биде научна револуција што ќе помогне многу повеќе да дознаеме за подрачјето вон Сончевиот Систем.  си/сд/

Остани поврзан