• сабота, 23 ноември 2024

Меѓународна научна конференција по повод 30-годишнината на Институтот за специјална едукација и рехабилитација

Меѓународна научна конференција по повод 30-годишнината на Институтот за специјална едукација и рехабилитација

Охрид, 14 септември 2023 (МИА) – Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет на УКИМ како високообразовна институција има исклучително благородна мисија да школува кадри без кои не може да се реализира заложбата за квалитетно образование, образовение што треба да биде достапно за секое дете...Специјалните едукатори и рехабилитатори се дел од инклузивните тимови во основните и средните училишта, кои како стручни лица даваат поддршка на учениците, родителите или старателите и воспитно-образовниот кадар и општествената заедница за да се одговори на различните потреби на децата и младите. Тоа го истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, во обраќањето пред учесниците на Меѓународна конференција што во организација на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет на УКИМ се одржува во Охрид.

- Како општество определено кон еднаквост и недискриминација, превенирање и сузбивање стереоптипи, елиминирање на предсрасуди, и во образованието имаме стратешка цел да обезбедиме воспитно-образовен процес по мерка на ученикот, имајќи ги предвид индивидуалните потреби на развој. Согласно новата реформа за основно образование и посебната реформа во инлклузивното образование, правото на квалитетно образование како право на секое дете, најдобро се остварува ако децата, вклучитено и тие што имаат посебни образовни потреби учат заедно во иста образовна средина, рече тој.

Министерот во оваа прилика посочи дека расте опфатот на деца со посебни потреби во редовните основни училишта, а истовремено расте и бројот на образовните асистенти, чиј број достигна 800.

- Насочени сме и кон подобрување на пристапот во училиштата. Министерството со поддршка на Светската банка обезбеди средства за реконструкција на 118 училишта, за подобрување на пристапноста до и во објектите, како и за подобрување на хигиенско-санитарните услови, со пристапни рампи и посебни тоалети за учениците со попречености, истакна Шаќири.

Изминатите две години е инвестирано и во набавка на опрема, дидактички помага и асистивна технологија, во вкупна вредност од 3,5 милиони денари. Набавка и обуки ќе има и наредните години, најави тој.

Институтот за специјална едукација и рехабилитација веќе 30 години ја остварува својата дејност во рамки на најстарата високообразовна институција Филозофскиот факултет. Три децении Филозофскиот факултет беше посветен на градење кадри и политики за квалитетно образование и рехабилитација на лицата со посебни потреби. Со стручноста и иновативноста на Институтот за специјална едукација и рехабилитација беа поставени темелите за промени и патоказот кон континуирано менување на свеста за видливоста на лицата со посебни потреби.

Свое обраќање имаше и деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, кој посочи дека оваа конференција е можност за споделување на искуства, поттикнување академски дијалог и разгледување на најновите достигнувања, тенденции и иницијативи во областа на специјалната едукација и рехабилитација.

- Живееме во свет во која се повеќе се зголемува јазот меѓу квалитетот на живеење од една до друга средина, што носи големи предизвици, особено во нашата земја за инклузијата и остварување на социјалните права на овие лица. Затоа од особено значење се меѓународните научни конференции каде искуствата и истражувањата во голема мера ќе им помогнат на оштествата да се справат со предизвиците, рече Дуев.

Одбележувањето на јубилејот – 30 годишнината, како што рече, е можност да се направи пресек на постигнатото и дали е доволно направено.

Собирот во Охрид ќе биде искористена за дискусија по прашања за можностите како дополнително да се засилат напорите за унапредување на постигнувањата во областа на раната детска интервенција, воспитанието и образованието, како и во областа на рехабилитацијата и вработувањето на лицата со попреченост. аб/ев/

фото/МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан