• четврток, 26 декември 2024

Меѓународна научна конференција: Враќање на урбаниот и технизираниот човек кон природата

Меѓународна научна конференција: Враќање на урбаниот и технизираниот човек кон природата

Скопје, 30 мај 2023 (МИА) - Враќањето на урбаниот и технизираниот човек кон природата ќе биде во фокусот на меѓународната научна конференција со наслов „Екоантропологија: помеѓу човекот и околината” што започна денеска во Скопје во организација на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ при УКИМ.  

Претседателката на Институтот, Лидија Стојановиќ, во изјава за МИА, истакна дека станува збор за враќање на хармонијата меѓу човекот и природата. 

- Да, кон природата со цел да се врати неговата внатрешна хармонија, да се врати она единство со природата која што човекот исконски ја носи во себе. Но, знаеме 20-иот век дека носеше доста технолошки возбудувања, технологија, медицински инженеринг и други трансдициплинарни истражувања коишто не се ни малку пријатни за човекот како битие, изјави Стојановиќ.

На конференцијата се даваат на увид најновите теоретски достигнувања во фолклористиката, етнологијата, во соседните допирни уметнички и научни дисциплини од хуманистиката коишто го опфаќаат еколошкиот и енвироменталистичкиот аспект, каде што 38 учесници од седум земји ќе се обидат да ја вратат креативната емоција кај човекот во смисла да се врати онаа желба за конструктивизам кај човекот по силните деструктивни стравови коишто го опкружуваат современиот човек во 20 и 21-иот век.  

Околу прашањето за тоа кои полиња и области се опфатени во конференцијата, таа информираше дека станува збор за спојување на уметностите и на науките во едена заедничка соработка, за пофлексибилно да се воспостави таа корелација.

- Имаме истражувачи коишто го третираат филмот, уметничкиот филм, документарниот филм, научната фантастика, потоа имаме уметници од ликовната уметност, имаме учесници кои ги допираат двете подрачја – книжевноста и енвироменталната естетика, така што имаме и други интересни интердисциплинарни споеви во една заедничка матрица наречена обид на еден пофлексибилен начин да ја вратиме креативната енергија на човекот и автоматски со тоа желба да се воспостави хармонијата, додаде Стојановиќ.

Во однос на објавувањето на материјалите презентирани на конференцијата, Стојановиќ изрази надеж дека ќе успеат да соберат средства за објавување на материјалите до 2024 година.

Маѓународната научна конференција, како што информираат од Иснтитутот “Марко Цепенков”, ќе трае три дена каде што ќе бидат презентирани истражувања од 38 учесници кои заедно со учесници од нашата земја вклучени се од седум земји, односно од Србија, Хрватска, Словенија, Англија, Полска и од Кина. сх/вг/


Фото: МИА

Остани поврзан