• сабота, 23 ноември 2024

Меѓународна истражувачка конференција на Народна банка: Геоекономската фрагментација може да го намали глобалното БДП до 12%

Меѓународна истражувачка конференција на Народна банка: Геоекономската фрагментација може да го намали глобалното БДП до 12%

Скопје, 30 септември 2023 (МИА) - Геоекономската фрагментација е глобален ризик кој може позначајно да се одрази на глобалните трговски и финансиски текови, а со тоа и врз економскиот раст, особено кај помалите и помалку развиени економии. Проценките за загубите од долгорочното ограничување на глобалните текови на добра, услуги, финансии и технологија се проценува од 0,2 до 12% од глобалното БДП, во зависност од претпоставките и сценаријата, беше посочено на деветта Меѓународна истражувачка конференција на Народна банка.

Долгорочно, беше посочено на конференцијата, само трговската фрагментација, односно поделбата на земји во блокови кои тргуваат само меѓусебе може да го намали годишниот БДП за 7% или 7 трилиони евра, односно колку БДП на Франција и Германија заедно. Ефектите ќе бидат поизразени за малите економии во развој, особено за земјите од Западен Балкан, каде глобализацијата делуваше како мотор на конвергенцијата на доходот, кој иако е удвоен во изминатите две децении, сеуште е 40% од ЕУ просекот. Оттаму, потребна е забрзана наместо забавена глобална интеграција поткрепена со засилено спроведување на структурните реформи, беше порачано на 9. Меѓународна истражувачка конференција во организација на Народната банка.

Во рамки на воведното обраќање, како што соопштија од НБ, гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека „според одредени проценки деглобализацијата може да го намали глобалниот увоз за 30%, коешто особено неповолно би можело да се одрази на помалку развиените економии кои во поголема мера зависат од извозот и имаат поголема за потреба за надворешно финансирање на своите економии".

На вториот и третиот панел од конференцијата, дискусијата продолжи во насока предизвиците кои ги носи геоекономската фрагментација во одделните сегменти, како и политиките за регионалната ЕУ перспектива во глобалното опкружување.

Панелот насловен „Отворена стратешка автономија, фрагментација и нејзиното значење за централното банкарство“, го модерираше поранешниот директор на Одделот на Европа на ММФ, Пол Томпсен, учествуваа раководителот за макроекономска анализа на Банката за меѓународни порамнувања, Беноа Мојон, гувернерот на централната банка на Литванија, Гедаминас Симкус, гувернерот на централната банка на Ерменија, Мартин Галштајн, Елина Рибакова од Петерсон Институтот и раководител од Европскиот механизам за стабилност, Џовани Калегари. На панелот беше посочено дека во новата реалност, геополитичките случувања имаат силно влијание врз трговските и финансиските текови. Геоекономската фрагментација носи голем број макроекономски ризици поврзани со синџирите на снабдување, финансиските пазари, економскиот развој и стабилноста. Геополитичката фрагментација носи предизвици и за централните банки, кои треба да бидат подготвени за позачестени шокови на страна на понудата, која може да  стане помалку еластична . Важно е, беше истакнато, да се работи на заштитните механизми, особено преку меѓународните финансиски институции.

На последниот панел на конференцијата, насловен „Панел на политики за регионалната ЕУ перспектива во новото глобално окружување“, модериран од Питер Санфеј, заменик директор на Европската банка за обнова и развој, а на којшто учество земаа министерот за финансии на Република Северна Македонија, Фатмир Бесими, гувернерот на централната банка на Албанија, Гент Сејко, заменик главниот економист на Директоратот за внатрешен пазар и индустрија на Европската комисија, Паоло Пасимени, раководителот на отсекот за економски студии во ЕИБ, Лорен Марин, Јулија Ворц од ОеНБ и Ранка Мињеновиќ, извршен директор на Центарот за европски политики.

На панелот, како што се наведува во информацијата од Народната банка, беше посочено значењето на доближување на Западниот Балкан до единствениот европски пазар, како и напредокот во изминатиот период од аспект на структурата на трговската размена, согласно што извозот на регионот кон ЕУ има повисок тренд на раст во однос на увозот. Новите трендови на селење на производствените капацитети поблиску до понудата, или пак во земји кои се политички и економски соработници, се шанса за забрзување на странските директни инвестиции во регионот на Западен Балкан. ев/

ФОТО: Народна банка 

Остани поврзан