• среда, 27 ноември 2024

Меѓународната конференција за екосистем на социјално претприемништво во Крушево

Меѓународната конференција за екосистем на социјално претприемништво во Крушево

Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - Од денеска до 10 ноември во Крушево, Младински Сојуз ќе биде домаќин на Меѓународната конференција „Екосистем на социјално претприемништво: како до општествена поддршка на социјалната економија”.

Примарната цел на овој настан, како што информираат од  Младински Сојуз, е поврзување и вмрежување на чинители важни за социјалното претприемништво од регионите Западен Балкан и Вишеград. 

Конференцијата ќе вклучи 68 претставници на мрежи, граѓански организации и социјални претприемачи од 10 земји (Северна Македонија, Србија, Бугарија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словачка, Чешка, Унгарија и Полска), кои преку низа на интерактивни сесии и активности ќе разменуваат искуства, експертиза, знаења и идеи за градење на посилен екосистем на социјално претприемништво.   

-Дали средината овозможува поддршка за социјално претприемништво? Какво значење имаат пристапот до финансии и човечкиот капитал при основањето на социјални претпријатија? И колку е важна соработката помеѓу државните институции, граѓанскиот сектор и заедницата на претприемачи, за развој на социјалната економија во државата и регионот? – се само дел од прашањата кои ќе бидат одговорени за време на овој тридневен настан, се наведува во соопштението.

Конференцијата е централна активност на проектот „Барометар на социјалното претприемништво” поддржан од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност преку Еразмус плус програмата. дма/са/

Фото: МИА архива
 

 

Остани поврзан