• вторник, 24 декември 2024

Меѓувладина седница на македонската и косовската Влада, земјите остануваат посветени на одбранбената соработка 

Меѓувладина седница на македонската и косовската Влада, земјите остануваат посветени на одбранбената соработка 

Скопје, 18 ноември 2024 (МИА) - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Приштина за време на меѓувладината седница помеѓу македонската и косовската Влада предводена од премиерите Христијан Мицкоски и Албин Курти разговараше со неговиот косовски колега, Ејуп Маќедонци, со кого ја потврдија намерата на двете земји за продлабочување на одбранбената соработка. Министрите Мисајловски и Маќедонци истакнаа дека регионалната стабилност и безбедност е приоритет за двете Влади, информираат од МО.

-Нашата држава е активен и посветен НАТО сојузник чиј приоритет е регионалната стабилност и безбедност. Македонската Армија веќе четири години дава свој придонес во НАТО мисијата КФОР на Косово што е доказ дека регионот и неговата сигурност за нас се од исклучително значење, рекол Мисајловски.

Министерот Маќедонци се заблагодарил за отвореноста на македонското Министерство за одбрана и министерот Мисајловски за континуирано унапредување на билатералната соработка и додал дека таа е клучна за одржување и зацврстување на безбедноста на целиот регион.

Двете земји во областа на одбраната соработуваат од 2010 година, кога е потпишан првиот Меморандум за соработка. Согласно годишните планови за одбранбена соработка, таа се реализира во доменот на обуките на армискиот полигон „Криволак“, военото образование, одбранбената политика, медицинската обука, справувањето со дезинформации и сл.

За време на денешната меѓувладина седница биле потпишани протоколи и меморандуми за соработка во три области – меморандум за енергетика, рударство и минерални суровини; протокол за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце - Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“ и меморандум разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово. сст/аа/

фото МО

Остани поврзан