• петок, 05 декември 2025

Меѓувладина седница Грција – Кипар: Двете земји придонесуваат за обезбедување стабилност во поширокиот регион

Меѓувладина седница Грција – Кипар: Двете земји придонесуваат за обезбедување стабилност во поширокиот регион

Атина, 12 ноември 2025 (МИА) – Во средина на геополитички превирања, неизвесност и нестабилност, премиерот на Грција Киријакос Мицотакис и претседателот на Кипар Никос Христодулидис ја потврдија клучната улога на меѓувладините седници за дополнително зајакнување на соработката меѓу Грција и Кипар и за придонес во обезбедувањето стабилност во Источниот Медитеран, пишува во заедничкото соопштение по денешната меѓувладина седница предводена од грчкиот премиер и кипарскиот претседател, јави дописничката на МИА од Атина.

На третата меѓувладина седница учествуваа голем број министри од двете Влади, кои ги разгледале можностите за проширување и зајакнување на билатералната соработка, а според заедничкото соопштение се разговарало за низа актуелни теми, акцентот бил ставен пред сè на кипарското прашање, како и на претстојното претседателство на Кипар со Европската Унија.

Станало збор и за проширувањето на Европската Унија, а двете земји изразиле заедничко уверување дека проширувањето врз основа на предвидените процедури и утврдените услови, „претставува инвестиција во безбедноста и стабилноста на Европа“.

- Грција и Кипар ја истакнаа нивната посветеност, како силни столбови на безбедност да придонесат во стабилноста во регионот и дека остануваат цврсто посветени на промовирањето на мирна соработка и добрососедски односи, со почитување на меѓународното право и правото на море, пишува во заедничкото соопштение.

На прес-конференцијата по седницата, грчкиот премер и кипарскиот претседател ги оценија билатералните односи како одлични, се осврнаа на темите за кои разговарале, меѓу кои и електричното поврзување на двете земји.

Двајцата посочија дека се согласиле и одлучиле да ги ажурираат економските и техничките параметри на проектот за електричната интерконекција.

Следната меѓувладина седница ќе се одржи на Кипар во текот на 2026 година. ср/ми/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан