• вторник, 24 декември 2024

Мехмедовиќ: Основниот елемент на превенција против пертусис е вакцинацијата

Мехмедовиќ: Основниот елемент на превенција против пертусис е вакцинацијата

Скопје, 11 јануари 2024 (МИА) – Најефикасниот начин да спречиме ширење на пертусис (голема кашлица) е вакцинацијата, не е ни затворањето на граници, не е ниту носењето маски, не е ниту миењето раце, иако не смееме да ги минимизираме како заштитни мерки, вели д –р Злате Мехмедовиќ  од Комисијата за заразни болести.

Тој во вечерашното гостување во емисијата Вин Вин на Телма посочи дека ефикасноста на вакцинацијата наменета против пертусис е 90 проценти.

-Тоа значи дека ако е тоа првата линија сите овие останати пропратни елементи кои што можеме да ги користиме, мислам дека затворањето на границите е надвор од здравата логика, тоа КОВИД-от ни го покажа дека практично не можете да го контролирате заразното заболување кога вашата околина е преплавена со позитивни случаи. Меѓутоа овие препораки за носење маска, миење раце, одржување на хигиена, внимателност на тоа кои површини се допираат и како се допира, бидејќи потоа лицето или носот може да се контаминира. Најголемиот апел кој што можеме да го упатиме до родителите е да ги вакцинираат децата. Не е дека не можеме да препорачаме многу работи и маските и хигиена, но немојте тоа да го правите да биде замена за вакцинација на вашите деца, истакнува Мехмедовиќ.

Тој алармира на поголема свесност за ефикасноста од вакцинацијата. Според него родителите треба да се осврнат на истражувања од релевантни извори, наместо да им обрнуваат внимание на сензационалистичките наслови на социјалните мрежи.

-Потребен е многу висок процент на вакцинација за да размислуваме дека ќе имаме безбедна држава, сериозноста на заболувањата кои се превентабилни со вакцина се со причина ставени во редовниот календар на имунизација затоа што тие заболувања може да доведат до пред се акутни компликации, но можат да доведат и до долгорочни компликации, изјави Мехмедовиќ.

Додаде дека за вакцината против морбили постојат научни докази кои покажуваат дека се безбедни и не предизвикуваат аутизам.

-Родителите треба да седнат и да ги прочитаат едностравните апстракти, не деталните анализи за нивните поврзаности од релевантни медицински списанија и да сфатат дека не треба да дозволат нивното дете откако ќе прележи морбили 10 години подоцна да добие болест која може трајно да го оштети неговиот нервен систем. Во времето кога беше епидемијата со морбили имаше десет случаи на деца позитивни на морбили сите невакцинирани, и кај пет од нив веќе имаше аутизам, посочи тој.

Во однос на случајот со голема кашлица кај дете од Кичево, Мехмедовиќ информира дека се уште се обработуваат податоците во центрите за јавно здравје.

– Конкретно случајот со детето во Кичево можам да кажам дека се уште е во обработка во центрите за јавно здравје и кога ќе ги имаме сите финални податоци за тоа на кој начин е затворен кругот за можности за ширење на заразата ќе ги споделиме. Една од важните работи кои треба да се знаат е дека раната примена на антибиотици овозможува прекинување на ланецот на ширење, потенцира тој. свс/дма/

Фото: Принт скрин

Остани поврзан