• среда, 25 декември 2024

Мемов: Со измените во буџетот на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување за 2025, ќе се овозможи подобро функционирање

Мемов: Со измените во буџетот на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување за 2025, ќе се овозможи подобро функционирање

Скопје, 10 октомври 2024

Управниот одбор на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија денеска ја одржа четврта седница раководена од претседателката Ирена Петковски. Најнапред беше усвоен записникот од претходната седница, а потоа претседателката Петковски му даде збор на директорот на Фондот, Никола Мемов за да ги информира членовите на Одборот за чекорите што тој ги има преземено по неговото преземање на функцијата. 

Директорот Мемов рече дека се преземени активности за надминување на состојбата со застојот во решавањето на предметите  во филијалата во Битола со нивно прераспределување во филијалите на Фондот каде што пополнетоста согласно систематизацијата на работни места е речиси 100 проценти од предвидениот. Тој, исто така, го информира Управниот одбор за активностите што има намера да ги преземе за да се модернизира системот и да се овозможи негово непречено функционирање. Мемов нагласи дека основна цел на новото раководство на Фондот е  тој да дава  подобри  услуги и да има задоволни корисници и осигуреници.

Членот на Управниот одбор  од Сојузот на здруженија на пензионери Станка  Трајкова, рече дека  е пријатно изненадена од настапот на новиот директор Мемов и исцрпните информации што им ги дал за состојбата во Фондот и за идните чекори, а  со што ќе се подобри работата на Фондот, како и квалитетот на услугите кои што ги дава.

Членовите на Управниот одбор го  усвоија Предлогот за измена на Буџетското барање на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија за 2025 година, со кое, како што рече директорот Мемов,  ќе се  обезбедат дел од потребните средства за модернизација на информатичкиот систем на Фондот,  кој е застарен, а ќе се подобри и ситуацијата со бројот на вработени во филијалите каде што тој е под минималниот за нивно нормално функционирање.  Тој потенцира дека се направени измени со кои се префрлаат средства за суштински подобрувања и непречено функционирање на целиот систем, а се исфрлени трошења кои не се неопходни,  како што е набавката на возила, на пример.

Управниот одбор на Фондот ги разгледа и Информациите за резултатите од спроведувањето на активностите во делот на регистрација на податоците,   како и Информациите за состојбата со наплатата на закупнината за издадениот станбен простор во домовите за живеење на корисниците на пензија и за состојбата со наплатата на закупнината за издадениот деловен простор во домовите за живеење и клубовите за дневен престој на корисниците на пензија за периодот од 01.01. до 30.06.2024 година.

Управниот одбор на Фондот беше запознаен и  со барањето за пренамена на поодделни расходни конта во Буџетот на Фондот за 2024 година бр.12-4947/1 од 04.10.2024 година, доставено до Министерството за финансии на 04.10.2024 година.

Фонд за пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан