• четврток, 26 декември 2024

Мексико затвора 33 прифатни центри за мигранти

Мексико затвора 33 прифатни центри за мигранти

Мексико сити, 11 мај 2023 (МИА) - Мексиканскиот институт за миграција (ИНМ) соопшти дека ќе ги прекине операциите во 33 прифатни центри за мигранти, додека државното тело за заштита на човековите права ги комплетира инспекциите на локациите по пожарот во кој загинаа 40 мигранти во притвор.

Објектите, лоцирани низ Мексико, можат истовремено да примат до 1.300 луѓе за престој до седум дена, се вели во соопштението на Институтот за миграција.

Тие ќе останат затворени се додека Националната комисија за човекови права (CNDH) не изврши увид на локациите и не издаде конечен извештај.

Институтот додаде дека ќе продолжи да работи со други центри, без да прецизира колку во моментов се отворени. Заклучно со минатата година, ИНМ управуваше со вкупно 57 прифатни центри со капацитет од 6.800 луѓе.

ИНМ минатиот месец соопшти дека ќе соработува со комисијата за човекови права за да ги процени условите во миграциските центри. Застапниците на мигрантите побараа темелна истрага за пожарот во центарот за мигранти во северниот пограничен град Сиудад Хуарез во март, во кој загинаа 40 луѓе, а многу други беа повредени.

Шефот на институтот, Франциско Гардуно, е обвинет за незаконско вршење јавна функција поради инцидентот. Сепак, тој останува на должност и не сака да го коментира случајот кој е во тек. ссм/

Остани поврзан