• среда, 25 декември 2024

Медицинските училишта кои имаат дуални паралелки чекаат на Kонкурсот за стипендирање на учениците од дуалните паралелки

Медицинските училишта кои имаат дуални паралелки чекаат на Kонкурсот за стипендирање на учениците од дуалните паралелки

Штип, 13 ноември 2023(МИА) - Раководствата на средните медицински училишта и на  здравствените паралелки во Штип, Тетово и Гостивар најавуваат дека ако до крајот на месецот, Министерството за образование и наука не го распише конкурс за стипендирање на околу 600  средношколци од дуалните паралелки, училиштата ќе поднесат претставка за дискриминација до Народниот правобранител.

Директорката на СОУ „Јане Сандански“ - Штип Марија Николиќ вели дека ваквата одлука е донесена во сите три училишта.

-Во сите училишта се донесени вакви одлуки од страна на Советот на родители, Училишниот одбор, Советот на наставници и секако доколку Министерството не остане на својот збор, ние сме подготвени да поднесеме претставка до Народниот правобранител за да се реши, односно се регулира овој случај и да не влеземе во процес на направена дискриминација  на учениците, како што беше и во конкурсот, рече Николиќ.

Таа додава дека стипендирањето на учениците во здравствените струки во дуалните паралелки беше голем мотив за запишување на учениците во овие училишта, бидејќи предвидени се и повеќе часови за практична настава.

-Би сакала да истакнам дека една од мотивацијата беше токму стипендирањето на учениците, зголемување на фондот на практична обука и со оглед на тоа што здравствената струка припаѓа во секторот стручнo образование, ние го прифативме предизвикот од МОН, ги направивме сите чекори, добивме согласност од МОН за формирање на дуални паралелки и една од причините за нашиот револт и разочарување беше токму конкурсот за стипендирање на учениците,  вели Николиќ.

Надлежните од Министерството за образование и наука и минатиот месец и денеска потврдуваат дека во текот на ноември ќе биде распишан нов оглас за стипендии наменет само за средношколците од дуалните паралелки во здравствените струки. вдј/мд/ 

Фото: МИА 

Остани поврзан