• вторник, 24 декември 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 8 ноември 2024 (МИА) - СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против Б.К.(39) од Струмица поради постоење на сомнение дека сторил кривични дела „злоупотреба на службена должност“ по член 353 и „примање поткуп“ по член 357 од КЗ. Пријавениот Б.К., референт во Јавно претпријатие „Национални шуми“, подружница Беласица – Струмица, се сомничи дека во претходните шест години, континуирано секој месец, лично или со посредство на друго лице, барал и добивал паричен надомест од жител на струмичко село, кој требало да добие дозвола за сеча на дрва. Исто така, лицето за да добие дозвола за сеча на дрва плаќало и други услуги во корист на осомничениот. Откако ќе добиел надомест, пријавениот се јавувал на лице кое требало да ја издаде дозволата за сеча на дрва на планината Огражден, за да му биде изготвена и дадена на лицето. На 06.11.2024 во Струмица, во моментот кога примал паричен надомест од истото лице, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Б.К.. Исто така, со судска наредба, биле извршени претреси во неговиот и во домовите на уште две други лица, при што биле пронајдени и одземени предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со делата. Од страна на судија од Основен суд Струмица на осомничениот му е определена мерка притвор во траење од 30 дена. 

На 07.11.2024 во периодот од 11.00 до 15.00 часот, полициски службеници од СВР Тетово извршиле акциска контрола за откривање и санкционирање на возачи кои вршат јавен превоз на патници без да поседуваат лиценци. Притоа, на булевар „Илинденска“ биле затекнати патничко возило „фолксваген туран“ со тетовски регистарски таблички, управувано од К.Б.(69) од Тетово, патничко возило „фолксваген пасат“ со тетовски регистарски таблички, управувано од И.Н.(64) од с.Челопек, тетовско и патничко возило „фолксваген пасат“ со тетовски регистарски таблички, управувано од У.Р.(70)  од Тетово, кои вршеле јавен превоз на патници без да поседуваат лиценца издадена од надлежен орган. По документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. 

На 07.11.2024 во 15.30 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода О.А.(27) од Скопје. Полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје, по претходна судска наредба, извршиле претрес во неговиот дом, при што била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

Денеска (08.11.2024) во 01.10 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.К.(20) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 
  
Денеска (08.11.2024) во 00.05 часот на паркинг простор на Средно Водно, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода С.К.(22) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.   

На 07.11.2024 во 12.30 часот во Скопје, на подрачјето на Ѓорче Петров, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.Ш.(57) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 07.11.2024 во 16.43 часот во СВР Штип, од Казнено - поправната установа Затвор Штип било пријавено дека кај осуденикот Х.Д.(28) од Штип била пронајдена бела грутчеста материја. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 07.11.2024 во 19.15 часот, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога при СВР Велес ја лишиле од слобода Р.Д.(20) од Велес затоа што кај неа била пронајдена и одземена зелена растителна материја. Р.Д. била приведена во полициска станица и во координација со јавен обвинител, по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 од Кривичниот законик - „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори". 

На 07.11.2024 во 07.35 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на ул.„Александар Македонски” во Прилеп се случила сообраќајна несреќа помеѓу велосипед управуван од В.А.(82) од Прилеп и патничко возило „пежо” со прилепски регистарски ознаки, управувано од Љ.М.(63) од Прилеп. Во несреќата велосипедистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градска болница Прилеп. Увид извршила увидна екипа на ОВР Прилеп. 

На 07.11.2024 во 12.00 часот во Полициската станица Струмица било пријавено дека на регионален пат Струмица - Берово, кај место викано „Палазлија“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „рено“ со штипски регистарски ознаки, управувано од Б.Г.(22) од Берово и патничко возило „дачија“ со скопски регистарски ознаки, управувано од П.П.(40) од Неготино. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „рено“, а со телесни повреди се здобиле возачот и сопатникот во патничкото возило „дачија“, С.М.(49) од Скопје, констатирани во Медицински центар Струмица. Увид на местото извршила екипа на Полициската станица Струмица. 

На 07.11.2024 во 11.45 часот во Полициската станица Карпош, Ц.Д.(34) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Карпош во Скопје бил каснат од куче скитник. 

На 07.11.2024 во 13.45 часот во Полициската станица Карпош, Ф.К.(59) од Скопје пријавил дека на  ул.„Московска“ во Скопје бил каснат од куче скитник. 

На 07.11.2024 во 17.00 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, И.С.(45) од Скопје пријавила дека на ул.„Ѓорче Петров“ во Скопје била касната од куче скитник. 

Остани поврзан