МВР билтен (ДПЛ)
- На 28.01.2025 во 17 часот во просториите на Клиничка болница Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода М.С.(64), лекар во Хируршко одделение во Клиничка болница Битола.
Скопје, 29 јануари 2025 (МИА) - На 28.01.2025 во 17 часот во просториите на Клиничка болница Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода М.С.(64), лекар во Хируршко одделение во Клиничка болница Битола. Тој се сомничи дека сторил кривично дело „примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик, односно дека по завршен хируршки зафат побарал и примил поткуп од лице од битолско. Кај него биле пронајдени и одземени парите, кои претходно биле обележани. М.С. е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него е поднесена кривична пријава.
На 28.01.2025 во 18.20 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Р.И.(37) од Струмица. Тој се сомничи дека околу 17.00 часот се обидел со употреба на сила да одземе пари од М.Ј.(57) од Струмица. Лицето било задржано во Полициската станица Струмица, а за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По документирање на случајот, против Р.И. ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 27.01.2025 во 10.40 часот во ОВР Прилеп, 61 - годишен маж од Прилеп пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 175.000 денари. Според пријавеното, во периодот од средината на август 2024 година до 24.09.2024 контактирал со лицето кое го довело до заблуда дека ќе инвестира во криптовалути, при што бил наведен на неговиот мобилен телефон да инсталира мобилна апликација за која мислел дека служи за купување на криптовалути. Како што е пријавено, преку апликацијата лицето пристапило во неговиот мобилен телефон и аплицирали за добивање на кредит од финансиско друштво, кој му бил пуштен на неговата трансакциска сметка, од каде пак лицето ги повлекло парите. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.01.2025 во 14.38 часот во СВР Скопје, од Казнено - поправната установа Затвор Скопје било пријавено дека во отвореното одделение во установата била пронајдена бела прашкаста материја. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.01.2025 во 13.45 часот во Виница, полициски службеници од ОВР Виница го лишиле од слобода П.Т.(32) од с.Јакимово, виничко, поради сомнение дека сторил кривично дело „незаконито влијание врз сведоци“ по член 368 - а став 1 од Кривичниот законик. Околу 08.30 часот во селото, тој со две возила го блокирал возилото на сопружниците П.Т. и М.Л. од с.Јакимово и на тој начин ги оневозможил да присуствуваат на судско рочиште во кое требало да сведочат против него. Според пријавеното, притоа тој им упатувал и закани да не се појавуваат на суд. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 28.01.2025 во 17.30 часот во СВР Скопје, 75-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 3.200 евра. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете и доколку не сака таа да лежи во затвор требало да плати. Како што е пријавено, таа ги подигнала парите од банка и ги оставила на договореното место, а откако се слушнала со нејзиниот зет сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Р.(49) од кичевско село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. На катастарска парцела во селото, без одобрение и спротивно на одредбите од законот за градење, тој изградил бетонска подлога за објект за домување.
На 28.01.2025 во 19.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на 27.01.2025 околу 17.00 часот во домот во скопско село, малолетничка била физички нападната од нејзината мајка Л.„Н“, која употребила и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
ОВР Струга поднесе кривична пријава против В.О.(58) од струшко село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. На катастарска парцела во селото, без одобрение и спротивно на одредбите од законот за градење, тој изградил индивидуална куќа за живеење, што било констатирано и од градежната инспекција при општина Струга.
На 28.01.2025 во 17.00 часот во СВР Скопје, Н.Б.(42) од Скопје пријавил дека на 24.01.2025 во период од 21.00 до 22.20 часот на подрачјето на Центар, неговата малолетна ќерка во два наврати била физички нападната од четири малолетнички, кои ги познавала, а настанот бил снимен со мобилен телефон и споделуван на социјални мрежи. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 27.01.2025 во 16.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека А.Х.(38) од Скопје, за која на 26.01.2025 во Полициското одделение Шуто Оризари беше пријавено дека се оддалечила од домот, се вратила дома.
На 28.01.2025 во 22.50 часот во СВР Скопје, 50-годишен маж пријавил дека околу 22.30 часот во дворот од семејна куќа на подрачјето на Шуто Оризари бил физички нападнат од својот син К.Р.(28) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 28.01.2025 во 23.45 часот во СВР Скопје, Л.В.(18) од Скопје пријавил дека околу 23.15 часот на автобуска постојка во населба Бутел во Скопје, тој и неговите тројца другари биле физички нападнати од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На 28.01.2025 во 20.30 часот во СВР Скопје, Е.В. од Скопје пријавила дека околу 18.50 часот на автобуска постојка на подрачјето на Центар, четири малолетници со закана од остар предмет од нејзиниот малолетен син одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Денеска (29.01.2025) во 00.30 часот во СВР Скопје, В.Д.(32) од с.Чегране, гостиварско, пријавил дека околу 23.00 часот на подрачјето на Ѓорче Петров, три машки и едно женско лице со закана од огнено оружје му одзеле пари и личен накит. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
На 28.01.2025 во 16.20 часот во СВР Битола, С.Б.(71) од Битола пријавил дека на ул.„Индустриска” во Битола бил каснат од куче скитник .
На 28.01.2025 во 16.20 часот во ОВР Прилеп, Б.Н.(33) од Прилеп пријавил дека на ул.„Комитска“ во Прилеп бил каснат од куче скитник.
На 28.01.2025 во 18.50 часот во ОВР Кавадарци, О.М.(75) од село Ваташа, неготинско, пријавила дека на улица „Страшо Пинџур“ во село Ваташа била касната од куче.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Д.С.И.(47) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 21.01.2025 во Кочани, пријавената физички и со тврд предмет ја нападнала Б.А. во нејзината куќа, оштетила дел од инвентарот и ѝ упатила закани.
Регионалниот центар за гранични работи Југ поднесе кривична пријава против Т.Ј.(34) од Република Турција поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“. На 24.01.2025 во атар на Гевгелија, пријавениот со патничко возило „нисан кашкаи“, сопственост на правно лице од Скопје, превезувал шест лица мигранти, од кои пет малолетници од Египет и еден од Сирија.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.К.(23) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 26.01.2025 во Скопје, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „опел“, управувано од пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против Д.Н.(55) и еден малолетник, двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 23.01.2025 во Скопје, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „ауди“ во кое се превезувале пријавените, при што биле пронајдени и одземени пет пиштоли и повеќе куршуми со различен калибар. дма/
Фото:МИА архива