• среда, 20 ноември 2024

МВР билтен (ДПЛ)

МВР билтен (ДПЛ)

Скопје, 5 мај 2024 (МИА) - Синоќа во 23.50 часот, полициски службеници од СВР - Штип го привеле штипјанецот Е.Н., на возраст од 29 години, поради тоа што се барал по распишана потерница од КПУ „Затвор - Штип“ за доиздржување казна затвор од седум години.

Тој бил спроведен до установата.

Вчера во 09.15 часот во ОВР - Гостивар било пријавено дека во гостиварскиот Ургентен центар, повреден бил донесен Н.М. од гостиварско Здуње.

Според пријавеното, тој се здобил со тешки телесни повреди при вршење градежни работи во село Чајле. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР - Битола поднесе кривична пријава против битолчанецот И.Ф., на возраст од 25 години, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и против неговиот 24-годишен сограѓанин Ф.Д., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба на наркотични дроги“.

На 25 јануари 2023, полициски службеници извршиле преглед над второпријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана, која ја набавил од првопријавениот.

Синоќа во 19.15 часот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР - Скопје го привеле скопјанецот О.Ј., на возраст од 27 години, поради тоа што околу 18.15 часот на стадионот - Чаир за време на одржување фудбалски натпревар меѓу ФК „Шкупи“ и ФК „Шкендија“, од трибина фрлил со предмет кон клупата на гостинска екипа на ФК „Шкендија“.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок од Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари.

Синоќа околу 19.30 часот, полициски службеници од СВР Тетово - Полициско одделение Групчин, во тетовско Церово ги лишиле од слобода К.З.(62), Х.А.(33), Р.А.(27) и М.А.(62), сите од тетовскиот регион.

Според пријавеното, по кратка вербална расправија меѓу К.З. и Х.А. во угостителски објект во селото, К.З. со огнено оружје испукал неколку куршуми, но, бил спречен од присутните, а оружјето му било одземено. Повредени лица нема, а приведените се задржани во полициска станица и се работи на расчистување на случајот, по што ќе биде изготвен соодветен поднесок.

СВР - Тетово поднесе кривична пријава против 28-годишниот тетовец И.Д., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 23 јуни 2023, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

Вчера во 14 часот во СВР - Скопје, 42-годишна жена пријавила дека во домот на подрачјето на скопско, таа и нејзиниот малолетен син биле физички нападнати од нејзиниот друг малолетен син, кој оштетил и дел од покуќнината.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 19.15 часот во СВР - Скопје, Х.М., на возраст од 34 години од главниот град на државава, пријавил дека околу 15 часот во менувачница во Старата скопска чаршија бил измамен од двајца странски државјани.

Според пријавеното, откако се договориле во менувачницата да сменат пари за 25.000 евра, лицата дошле со чанта со договорената сума на пари во денари, при што еден од нив ја заменил чантата со денари со друга иста чанта, која во долниот дел била полна со хартиени ливчиња. Како што пријавил Х.М., тој им ги дал еврата без да ја провери чантата, а откако заминале, сфатил дека е измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 23.35 часот во СВР - Струмица било пријавено дека настанал пожар во Дом за стари лица во село Банско, струмичко, при што била опожарена покривната конструкција на објектот.

Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од страна на Територијалната противпожарна единица - Струмица. Увид на местото ќе врши екипа на СВР - Струмица.

Денеска во 04.30 часот во Полициска станица Берово, Х.А., на возраст од 30 години од овој град, пријавил дека во градот, по претходна вербална расправија, бил физички нападнат од К.Т., на возраст од 23 години од селото Смојмирово, беровско.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Синоќа во 19.28 часот во СВР - Штип, О.Е., на возраст од 19 години, пријавил дека во градот бил физички нападнат од А.М., на возраст од 26 години, двајцата штипјани.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Синоќа во 22.30 часот во Полициското одделение - Петровец, А.С., на возраст од 47 години од село Петровец, скопско, пријавил дека од домот се оддалечила неговата малолетна ќерка С.С., на возраст од 14 години.

Според пријавеното, тој се сомневал дека се наоѓа кај нејзиното момче М.Х. во населбата Шуто Оризари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Вчера во 16.40 часот во ОВР Кичево, Ш.Х., на возраст од 56 години од кичевското село Туин, пријави дека во истото село била касната од куче скитник.

Истиот ден, П.Ш., на возраст од 50 години, од селото Другово, пријави дека неговата малолетна ќерка на локален пат во селото била касната од куче скитник. бд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан