• среда, 27 ноември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 30 јули 2024 (МИА) - Денеска во ОВР - Кавадарци бил извршен службен разговор со В.О.(43), Е.В.(29) и Х.В.(34) од овој град.

Тие се сомничат дека извршиле кражба од патничко возило и во разговорот го признале делото. Одземеното било пронајдено и вратено на сопственикот, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.  

Вчера во 7.10 часот, полициски службеници од ОВР - Кавадарци го лишиле од слобода З.Н.(53) од овој град.

Тој бил затекнат при извршување кражба во продажен објект во Кавадарци, при што одзел повеќе производи. Од вработен бил спречен да побегне, по што бил приведен во полициска станица. Производите биле вратени на сопственикот, за настанот бил известен јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до надлежното Основно јавно обвинителство - Радовиш, поднесе кривична пријава против М.К. и А.Д., двајцата од овој град, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „предизвикување на општа опасност“  по член 288 став 1 од Кривичниот законик.

На 25 јули, околу 00.00 часот, во дворно место во градот, првопријавениот М.К., полициски службеник во ОВР - Радовиш, кој не бил на работа, со службениот пиштол испукал пет куршуми во воздух, по што второпријавената А.Д., држејќи го пиштолот заедно со првопријавениот, испукале четири куршуми во воздух, со што предизвикале опасност за животот и телото на присутните. Настанот бил снимен со мобилен телефон од трето лице, кое ја пратило снимката на А.Д., која пак ја објавила на социјална мрежа. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност против М.К. и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.

Рано утрово во 00.20 часот на улицата „4 Јули“, полициски службеници од ОВР - Кичево го лишиле од слобода М.С.(27) од Кичево, затоа што кај него била пронајдена и одземена бела материја.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Во текот на вчерашниот ден, Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање возила што се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 265 возачи.

Од нив, 41 возило се движело со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 110 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 155 надвор од населено место.

Вчера во 14.20 часот во ОВР - Гостивар, 55-годишник од овој град пријавил дека бил измамен од М.Ф. од тетовско Боговиње за сума од 6.500 евра.

Според пријавеното, тие се договориле да направат неколку размени на возила и други предмети со компензација и при размена на едно од возилата, М.Ф. одбил да му го даде возилото што било договорено, туку му дал постаро возило. Како што е пријавено, откако одбил да го земе тоа возило, лицето не му се јавувало на повиците и не му го вратило неговото возило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Вчера околу 15 часот во СВР - Штип било пријавено дека настанал пожар на сува трева во дворно место во село Стар Караорман, штипско, сопственост на Ј.А.(73), при што била зафатена и помошна просторија.

Пожарот се проширил и зафатил дворно место и куќа сопственост на Р.М.(39), заштитна ограда од нива сопственост на Б.С.(65) и дворно место и помошен објект сопственост на П.С.(54). Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од мештаните и екипи на Територијалната противпожарна единица - Штип. Извршен бил увид.

Синоќа во 23.05 часот во СВР - Скопје, од Ургентен центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив, со повреди од остар предмет, бил донесен малолетник од Скопје.

Според пријавеното, во близина на стадионот во Чаир, тој бил физички нападнат од неколку други малолетници, при што еден од нив употребил остар предмет и му нанел повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 22.40 часот во СВР - Скопје, О.А.(58) од овој град пријавил дека на подрачјето на Шуто Оризари, по претходна расправија, неговиот син Е.Г.(35) бил физички нападнат од Р.А., кој употребил и тврд предмет.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 16.25 часот во СВР - Скопје, М.Г.(75) од градот пријавила дека околу 15.15 часот во нејзиниот дом на подрачјето на Гази Баба, била физички нападната од ќерка на нејзиниот сосед В.В.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Рано утрово во 3.52 часот во СВР - Скопје, скопјанецот Д.М.(41) пријавил дека на бензинска пумпа на подрачјето на Ѓорче Петров, едно лице со закана со остар предмет му одзело пари и мобилен телефон.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 17.40 часот во СВР - Скопје, В.А.(53) од овој град пријавила дека околу 14.25 часот на влез од паркинг на трговски центар на подрачјето на Центар, едно лице со употреба на физичка сила и одзело паричник.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 18.42 часот во СВР - Куманово било пријавено дека околу 14 часот настанал пожар на сува трева во село Кшање, кумановско, кој се проширил и го зафатил и селото Кокошиње, при што била зафатена и куќата на С.П.(75) и Т.П.(73).

Од здобиените повреди, на местото починал С.П., додека нивниот внук успеал да ја извлече Т.П. од куќата. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без траги на насилство кај С.П., а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на семејството.

Денеска во 03.53 часот во СВР - Скопје, Б.Х.(48) од овој град пријавил дека непосредно до неговото паркирано патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки на подрачјето на Бит Пазар, била опожарена сува трева.

Тој сам го изгаснал пожарот, при што забележал дека возилото било испрскано со запалива течност. Увид бил извршен и се работи на расчистување на случајот.

Вчера во 12 часот во Полициската станица - Карпош, од Јавна установа за згрижување деца - Скопје било пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник Р.Џ.М.(17), кој и претходно се оддалечувал и бил враќан.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Вчера во 11.20 часот во Полициската станица - Карпош, М.Б.(79) од Скопје пријавила дека од домот, се оддалечил нејзиниот сопруг Т.Б.(86), кој имал здравствени проблеми.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Вчера во 11.40 часот во ОВР - Гостивар, Ј.Ф.(48) од овој град пријавил дека околу 9.15 часот пред нивната куќа, неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

Вчера во 15.40 часот во СВР - Куманово, Б.И.(34) од овој град пријавил дека на булеварот „Октомвриска револуција“, неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

СВР - Штип поднесе кривична пријава против З.М.(27) од овој град поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“.

На 12 јули во Штип, пријавениот со закана со нож, од Ф.С. одзел пари.

СВР - Штип поднесе кривична пријава против Д.Б.(19) од светиниколско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“ и „злоупотреба на лични податоци“.

На 9 јули, пријавениот од својот број на друго лице пратил фотографии со експлицитна содржина од својата партнерка, ја сменил лозинката на нејзиниот профил на социјална мрежа и објавил фотографии.

СВР - Битола поднесе кривична пријава против Д.Г.(49) од село Крушеани, општина Кривогаштани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“.

На 14 мај во село Крушеани, пријавениот со остар предмет се заканувал на Х.Д., З.М. и Д.Р., по што од пиштол испукал неколку куршуми во воздух.

СВР - Скопје, поднесе кривична пријава против Д.Ш.(18) од овој град поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“.

На 25 јуни, пријавениот и уште две машки лица физички ги нападнале М.А., М.М. и Л.П..  

СВР - Скопје, поднесе кривична пријава против двајца малолетници од градот поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“.

На 29 мај, по претходна расправија на социјална мрежа, пријавените дошле пред основно училиште во село Чифлик, нападнале двајца други малолетници, при што еден од нив употребил и тврд предмет.

СВР - Штип поднесе кривична пријава против М.М.(64) од овој град поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“.

На 17 јуни во угостителски објект во Штип, пријавениот упатил закани на Г.К. од овој град.

СВР - Скопје поднесе кривична пријава против двајца малолетници од овој град, поради постоење основи на сомнение дека во текот на септември 2023 во катна гаража на подрачјето на Центар, извршиле обљуба врз малолетничка од градот и снимале со мобилен телефон, по што ѝ се заканиле дека снимката ќе ја објават на социјални мрежи.

СВР - Охрид поднесе кривична пријава против А.Ќ.(28) од селото Калишта, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 08.12.2023 на улицата „Партизанска“, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „мерцедес“, во кое сопатник бил пријавениот, при што кај него била пронајдена и одземена марихуана. 

СВР - Охрид поднесе кривична пријава против А.З.(38) од Република Австрија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 26 јули во Охрид, бил извршен преглед врз А.З. и била пронајдена и одземена марихуана. 

СВР - Охрид поднесе кривична пријава против Љ.О.(51) од селото Белчишта, охридско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 10.02.2023, полициски службеници извршиле претрес на лице, моторно возило, дом и помошни простории во село Белчишта, кои ги користел пријавениот, при што биле понајдени и одземени марихуана, семки од растението канабис и растенија канабис.

СВР - Охрид, поднесе кривична пријава против Е.К.(28) од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 24.04.2023 на булеварот „Туристичка“ во Охрид, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „рено клио“, во кое сопатник бил пријавениот, при што кај него била пронајдена и одземена марихуана.

СВР - Струмица поднесе кривична пријава против А.З. (23) и И.А.(19), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“.

На 13.11.2023 во казино во Струмица, пријавените пуштиле во оптек фалсификувани странски банкноти.

СВР - Охрид, поднесе кривична пријава против С.П.(60) од село Миокази, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“.

Во текот на 2023, пријавениот - вработен во агенција за обезбедување од Кичево, извршил промена на податоци на оригиналната службена легитимација и ја употребил како вистинска, односно со истата се легитимирал при контрола и ја користел додека бил на работа како обезбедување во една фирма.

СВР - Охрид, поднесе кривична пријава против С.Б.(43) од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“.

На 04.10.2023, пријавениот од Јавната установа Национален парк „Галичица“ побарал одобрение за поставување пчелни семејства на катастарска парцела што била во сопственост на државата, а на 30.05.2024, при извршен увид, било констатирано дека изградил нелегална бетонска и жичана ограда и градежен објект.

СВР - Охрид поднесе кривична пријава против А.Р.(59) од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“.

На 03.11.2023, на катастарска парцела на место викано „Женска плажа“, пријавениот узурпирал државно земјиште со поставување урбана опрема за вршење угостителска дејност, а притоа не поседувал одобрение, издадено од надлежен орган.

СВР - Битола поднесе кривична пријава против И.Т.(39) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.

На 23 мај, на објава на веб-портал, пријавениот од профил на социјална мрежа споделил содржина со што поттикнувал омраза и нетрпеливост. бд/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан