• среда, 25 декември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 13 март 2024 (МИА) - Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во Бирото за јавна безбедност до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Д.Б.(45) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, казниво по член 353 од Кривичниот законик. Во периодот од 19.02.2022 до 17.03.2023, кога ја вршител на функцијата директор на Фондот за ПИОСМ, пријавениот Д.Б. во име на фондот склучил повеќе договори  за дело и договори за извршување на самостојна работа со шест физички лица, постапувајќи спротивно на член 25 ст.1 од Закон за спречување на корупција и спротивно на одредбите од членовите во склучените договори. Имено, пријавениот и покрај тоа што знаел дека ангажираните лица не ги извршувале доверените работни задачи, предвидени во склучените договори, а ниту пак фондот водел евиденција за редовност, во повеќе наврати извршил исплати на парични средства на трансакциски сметки на физичките лица во вредност која била утврдена во склучените договори. На тој начин, пријавениот Д.Б. овозможил лицата да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 1.387.558 денари или 22.525 евра на штета на Фондот за ПИОСМ, односно Буџетот на Република Северна Македонија.

На 12.03.2024 во Штип, полициски службеници од Полициската станица Штип го лишиле од слобода М.К.(31) од Штип. Тој бил фатен при вршење на кривично дело „тешка кражба“ од стан во Штип, сопственост на Г.Т.(62) и Ф.К.(56), двете од Штип. Лицето било задржано во полициска станица, за случајот бил запознаен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.А.(45) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „измама“. Тој, во својство на претседател на меѓуопштинско здружение на лица со телесен инвалидитет во општините Велес, Чашка и Градско, со пречекорување на границите на своето службено овластување и со неизвршување на својата службена должност, довел во заблуда правно лице од Охрид и по основ на побарана позајмица, неовластено прибавил за себе корист од 600.000 денари.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против А.Б.(42) од кичевското село Црвевци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет  наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. При контрола на улицата „11 Септември“ во Кичево, полициските службеници кај него пронајдоа и одзедоа  марихуана.

Во текот на вчерашниот ден (12.03.2024) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 117 возачи. Од нив седум возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возилo се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 38 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 79 надвор од населено место.

Во текот на вчерашниот ден (12.03.2024) Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на прекршоци што ги прават возачи на мотоцикли, при што се санкционирани вкупно 30 мотоциклисти.Од нив, девет возачи управувале мотоцикл без да поседуваат возачка дозвола, односно потврда за положен возачки испит, еден мотоцикл бил нерегистриран, 19 мерки се преземени за неносење заштитна кацига, а еден мотоцикл е времено одземен поради техничка неисправност и непродолжена важност на сообраќајната дозвола повеќе од шест месеци. Најголем број од санкциите се изречени на територија на СВР Куманово - 9, потоа на територијата на СВР Велес - 7, СВР Тетово – 5...

На 12.03.2024 во 17,20 часот во Полициската станица Бит Пазар било пријавено дека на подрачје на Бит Пазар во Скопје две лица со остар предмет нападнале друго машко лице и му нанеле убодни рани. Повредниот бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, а по преземени мерки било утврдено дека се работи за лицето Ф.К.(37) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 13.03.2024 во 00.00 часот во Полициското одделение Шуто Оризари, чувар на објект во изградба на подрачјето на Шуто Оризари пријавил дека во 19.40 часот на градилиштето го пронашол паднат Р.А.(52) од Скопје, кој вршел контрола на материјалите. Повредениот бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што подоцна починал. Увид на местото извршиле екипа на СВР Скопје и трудов инспектор, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција.

На 12.03.2024 во 20.20 часот во СВР Скопје, С.Т.(55) од Скопје пријавил дека во казино на подрачјето на општина Аеродром бил физички нападнат од Г.П.(47) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 12.03.2024 во 17.00 часот во СВР Скопје, 42 - годишна жена пријавила дека околу 12.30 часот во домот во скопско нејзиниот малолетен син со тврд предмет ја нападнал неа, нејзината 20 годишна ќерка и другиот малолетен син. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 11.03.2024 во 22.30 часот во СВР Скопје, М.С.(39) од Скопје пријавил дека околу 15.00 часот на подрачјето на Шуто Оризари, по претходна расправија, неговиот малолетен син бил нападнат со остар предмет од негов соученик. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 12.03.2024 во 14.30 часот во СВР Скопје, Е.Т.(48) од Битола, старател на малолетничка доделена по службена должност од Центарот за социјални работи Битола, пријавила дека од установата „Отворена порта“ во Скопје се оддалечила штитеничката Н.А.(14) од прилепско село. Се преземат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 12.03.2024 во 19.30 часот во СВР Тетово, 31 – годишниот Е.М. од тетовско Теарце пријавил дека на локалниот пат во Теарце бил каснат од куче скитник.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.И.(33) од Тетово, вработен како референт во банка, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „измама“ и против М.З.(74) од с.Гургурница, општина Брвеница, поради постоење основи на сомнение за кривично дело „помагање“. На 28.07.2021, при потпишување налог за пренос на финансиски средства, кои требало да бидат префрлени на жиро сметка од С.Е. на В.Т., за купопродажба на недвижен имот, првопријавениот му подметнал на С.Е. да потпише и друг налог на трансакциска сметка на второпријавениот, кој ги примил и присвоил паричните средства во износ од 890.000 денари

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Б.М.(21) и М.Х.(18), двајцата од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, и психотропни супстанци и прекурзори“. На 01.08.2023, при преглед над пријавените, полициски службеници пронашле и одзеле кокаин и пари.  

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против И.Ќ.(33) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци и прекурзори“. На 02.05.2023, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што бил пронајден и одземен кокаин.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ф.П.(30), Д.Д.(33) и Д.П.(26), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 05.03.2024, полициски службеници извршиле претрес во домот каде престојувал првопријавениот, а во кој биле затекнати и второ и третопријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана, амфетамин, дигитална вага и пари.  

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Љ.А.(42) од Куманово, В.М.(39) државјанин на Швајцарија и Ш.Ш.(48) од Радовиш поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. Првопријавениот ги организирал второ и третопријавениот во Казнено – поправната установа Затвор Куманово да внесат кокаин и таблети бупренорфин, кои биле пронајдени и одземени при претрес на третопријавениот.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против С.П.(43) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „овозможување на употреба наркотични дроги“. На 01.08.2023, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило, управувано од лице од струмичко, во кое сопатник бил пријавениот, при што кај него била пронајдена и одземена марихуана.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против А.Б.(42) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 17.10.2023, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што била пронајдена и одземана марихуана.

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против С.Р.(44) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 17.03.2023, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле полуавтоматска пушка, два пиштоли, ловечка пушка со 30 куршуми и куршуми за пиштол.  

ОВР Гевгелија поднесе кривична пријава против Ќ.Ш.(25) од с.Студеничани, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“.  На 09.03.2024 на автопатот А1, пријавениот во патничко возило превезувал шест лица мигранти од Народна Република Кина, кои биле пронајдени по преземени мерки од полициски службеници.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.А.(63) од с.Мала Речица, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Пријавениот, во текот на 2023 година на катастарска парцела во државна сопственост во Тетово, узурпирал земјиште и поставил работни машини и бекатон плочки.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против М.С.(72) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. На 07.02.2024 на ул. „Живко Брајковски“  во Гостивар, полициски службеници извршиле контрола на возило, кое го управувал пријавениот, при што било констатирано дека врши јавен превоз на патници без да поседува лиценца издадена од надлежен орган. дма/

Фото:МИА архива

Остани поврзан