• среда, 25 декември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)
Скопје, 25 октомври 2022 (МИА) - Полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје и инспектори по потраги од ЕВР - Ѓорче Петров и ЕВР- Кисела Вода денеска во 12:05 часот уливер „Иљо Војвода“ во Скопје го лишиле од слобода С. С. (59) од с.Грчец, Општина Сарај. За него била распишана централна потерница по наредба на Основен кривичен суд Скопје за издржување затворска казна за сторено кривично дело по член 223 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде спроведено во казнено – поправна установа за издржување на казната. На 23, 24 и 25.10.2022, од страна на полициски службеници од Полициската станица за граничен премин Табановце при Регионалниот центар за гранични работи Север, при извршена дополнителна контрола на влез и излез од државата на пет моторни возила, кои вршеле меѓународен превоз на патници, биле констатирани прекршоци. Притоа, контролирани биле четири автобуси и едно патничко возило, кои не ја поседувале законски пропишаната документација. Имено, при контрола на патничко возило „фолксваген пасат“ со германска национална ознака, управувано од Т.К.(24) од општина Василево, два автобуса со битолски регистарски ознаки, управувани од С. З. (56) од Битола и од Т.  К. (47) од Битола, два автобуса со скопски регистарски ознаки, управувани од З. М. (65) од Скопје и од А. Г. (40) од Скопје било констатирано дека вршат меѓународен превоз на патници без поседување соодветна документација. Од страна на полициските службеници и Државниот инспекторат за транспорт изречени се соодветни санкции за возачите и правните лица. Вчера во с.Острец, битолско, полициски службеници од криминалистичката полиција, Отсек за економски криминал и полициски службеници од крим-техника при СВР Битола од лицето Р. Д. од с.Острец одзеле 9,6 просторни метри огревно дрво без соодветна документација. Дрвата биле предадени на Шумска полиција, а по целосно документирање на случајот против него ќе следи соодветна пријава. Во Полициската станица Неготино, вчера З. М. (54) од Неготино пријавил дека пломбата од товарното возило со неготински регистарски ознаки, кое му било паркирано на бензинска пумпа во Неготино, била скината и повторно споена. Полициски службеници од ОВР Неготино излегле на местото и при преглед во возилото биле пронајдени шест лица мигранти од Сирија. Мигрантите биле спроведени во прифатно-транзитен центар за понатамошна постапка. СВР Охрид поднесе кривична пријава против К. С. (52) од струшкото село Долно Татеши, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. При контрола извршена на 10.09.2022 на булевар „Туристичка“ во Охрид, полициските службеници од Полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата Охрид констатирале дека тој врши јавен превоз на патници во внатрешниот сообраќај без да поседува соодветна лиценца издадена од надлежен државен орган. Во текот на вчерашниот ден во периодот од 14:00 до 19:00 часот Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола за санкционирање на возила кои непрописно престигнуваат на територијата на Република Северна Македонија, при што санкционирани се 121 возач. Од нив, 32 на територијата на СВР Тетово, 29 на територија на СВР Охрид, 18 возачи непрописно престигнувале на територијата на СВР Битола... За време на контролата биле санкционирани и 142 останати прекршоци. Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Љ. Б. (57) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување службена исправа“. На 29.08.2022, пријавениот вработен во ЈП „Национални шуми“-ПШС Лопушник - Кичево издал испратница за огревно дрво на сметка на правно лице од Кичево врз основа на договор, при што на примероците кои биле дадени на купувачот и превозникот било наведено дека е издадена за буково дрво кое согласно договорот било по една цена од метар кубен, додека на примерокот од испратницата доставена до сметководството на претпријатието било дадено трета класа дрвен сортимент, кој е поевтин. Врз основа на тоа била изготвена фактура на правното за пониската цена и со ваквото дејствие пријавениот го оштетил ЈП „Национални шуми“. Вчера околу 18:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улица „Босна и Херцеговина“, поради недоразбирање во сообраќајот, настанала расправија помеѓу Д.К.(60) од Скопје и три други лица, при што едно од лицата со остар предмет му нанело повреди на Д.К.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. На автопатот Скопје-Куманово, вчера полициски службеници го лишиле од слобода С. Б. (40) од Скопје. Тој, околу 09.30 часот не застанал на знак за запирање даден од полициски службеници, по што кај клучка Миладиновци застанал со товарно возило „ивеко“, со кочански регистарски ознаки, кое го управувал, и го напуштил местото. По извршена проверка било констатирано дека регистарските таблички не припаѓаат на возилото. Лицето и товарното моторно возило биле предадени во Полициското одделение Петровец за понатамошка постапка. Увид бил извршен од екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Вчера во 22:10 часот во СВР Скопје, од Комплекс клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив со повреди биле донесени двајца малолетници и А. М. (54), сите од Скопје. По преземени мерки било утврдено дека лицата се здобиле со повредите при физички напад од страна на А.С. од Скопје, при што тој употребил и дрвен предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф. И. (43) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда при семејно насилство“. На 04.07.2022, по претходна расправија, пријавениот во семејниот дом физички го нападнал неговиот татко и му нанел повреди. Во периодот од 17.10.2022 до 23.10.2022 спроведена е засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли, при што санкционирани се 104 возачи. Од нив, 50 возачи не користеле заштитна кацига за време на возење, 30 возеле без возачка дозвола, три мотоцикли се одземени поради истечена сообраќајна дозвола и предизвикување голема бучава, а санкционирани се и други прекршоци. Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава  против 17-годишник од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторени седум  кривични дела „тешка кражба“. Пријавениот, во периодот од 18.10. до 20.10.2022 во Струга, со насилно отворање влезни врати, извршил тешки кражби во повеќе објекти од каде одзел техничка стока, пари, предмети, музички инструменти, облека и слично. Во периодот од 17.10.2022 до 23.10.2022  Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата. При контролата санкционирани се 37 учесници во сообраќајот. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци. СВР Велес поднесе кривична пријава против С. С. (23) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 23.09.2022, полициски службеници извршиле претрес во семејниот дом на пријавената, при што пронашле и одзеле марихуана. ОВР Струга поднесе кривична пријава против М. Е. (22) од струшкото село Радолишта поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. Тој, на 02.09.2022 во селотo се обидел физички да го нападне А. Ш. (26) од струшкото село Ливада, по што со својот автомобил се обидел да го удри. аа/

Остани поврзан