• вторник, 24 декември 2024

Мбапе нема да преговара со ПСЖ во спорот околу неисплатените суми според договорот

Мбапе нема да преговара со ПСЖ во спорот околу неисплатените суми според договорот

Париз, 12 септември 2024 (МИА) - Француската фудбалска ѕвезда Килијан Мбапе не е подготвен на компромис со својот поранешен клуб Пари Сен Жермен и го одби посредништвото на правниот комитет на Француската фудбалска федерација во нивниот долгогодишен спор околу неисплатените плати и бонуси.

Челниците на ПСЖ и претставниците на Мбапе се сретнаа во Париз откако фудбалерот ги побара своите права во комисијата, испраќајќи образложена пријава. 26-годишниот Мбапе, кој летово дојде во Реал Мадрид на слободен трансфер, тврди дека ПСЖ му должи 55 милиони евра (60 милиони долари).

Претставниците на фудбалерот рекоа дека нивниот клиент побарал од комисијата да го земе предвид неисплатувањето на тримесечните плати и последната третина од бонусот за лојалност вклучен во последниот договор меѓу страните. 

-Можноста за преговарање и посредување беше изразена утрово. Но, оваа можност е демантирана од нас како претставници на играчот. И таа опција би била бескорисна откако со едноставна проверка на сметката на играчот ќе се утврди дека нема плаќање, кажаа од тимот на Мбапе.

За да не ја плати својата обврска, ПСЖ се обидува да докаже постоење на таен договор, но такво нешто едноставно нема, тврдат претставниците на фудбалерот кој на слободен трансфер ја напушти француската престолнина и сега е фудбалер на шпанскиот гигант Реал (Мадрид).

Пари Сен Жермен соопшти дека комисијата препорачала преговори меѓу двете страни, нешто за што тие се залагале подолго време. Претставниците на играчот се уште не коментираат кои ќе бидат нивните следни чекори во оваа правна и финансиска војна. дс

Фото: Архива

Остани поврзан