• понеделник, 23 декември 2024

Мбапе најмногу заработува во Реал, но не и во Ла Лига

Мбапе најмногу заработува во Реал, но не и во Ла Лига

Мадрид, 20 јули 2024 (МИА) - Францускиот фудбалер Килијан Мбапе на почетокот на неделата беше претставен како нов напаѓач на Реал Мадрид, на кој реши да му се приклучи и покрај понудата на ПСЖ да го продолжи договорот и се обврза на петгодишна соработка. Кога го потпиша тој договор се согласи на многу помала плата од досегашната.

Реал не мораше ништо да плати на ПСЖ за доаѓањето на Мбапе, туку уплати 100 милиони евра директно на сметката на играчот.

Годишната плата на Мбапе ќе биде 31,2 милиони евра, пренесуваат медиумите. Тоа е многу помалку од неговата плата во францускиот тим, каде во последните две години заработи дури 200 милиони евра, не сметајќи ги спонзорските договори.

Францускиот напаѓач заработува најмногу од сите играчи во Реал, а е на третото место по заработка во Ла Лига. Втор е центарфорот на Барселона, Роберт Левандовски кој зема 33,5 милиони годишно, а на прво место е, исто така фудбалер на Каталонците, Френки де Јонг кој има договор за 37,5 милиони евра годишно.

Барселона веќе две години е под санкции на шпанската лига и не смее да троши повеќе од моментално и да продолжи да се задолжува. Поради екстраваганција, клубот беше на работ на егзистенција.

На четвртото место на оваа листа е играчот на Реал, Винисиус Јуниор, кој заработува 28,8 милиони бруто годишно. Истата плата како него ја има и Јан Облак од Атлетико Мадрид. дс

Фото: Фејсбук/Реал Мадрид

Остани поврзан