„Мачка со две лица“ - хит на Инстаграм
- Со својата специфичност, таа на свој начин секојдневно ги охрабрува луѓето да ги прифаќаат своите несовршености.

Лос Анџелес, 7 октомври 2021 (МИА) - Благодарение на ретката генетска аномалија, Венус - „мачката со две лица“, се разликува од другите миленичиња... Имено, покрај нејзиното лице во две бои, и очите исто така ѝ се различни.
Некои од следачите мислат дека фотографиите од оваа мачка се лажни, но нејзините сопственици Кристина и Крис го порекнуваат ова тврдење. На Инстаграм, во име на Венус, тие велат: „Јас сум 100 отсто природна. Не носам шминка, ниту молив за очи... Во мојот салон за педикир, Фотошоп и спреј-бои не се дозволени."
Оваа мачка е пронајдена 2009 година во Северна Каролина (САД), а денес има два милиони следачи на Инстаграм.
Комбинацијата на две бои крзно кај мачките се нарекува „химера“. Може да се појави со спојување на две оплодени јајце-клетки или два рани ембриони во еден организам. Така, животното поседува две генетски различни „наследства“ од различни зиготи.
Венус „е активна“ и на Тик-ток. Со својата специфичност, таа на свој начин секојдневно ги охрабрува луѓето да ги прифаќаат своите несовршености.
„Без разлика колку сте различни од другите, Вие треба да се сакате себеси и Вашите несовршености. Не треба сите да бидеме исти. Нашите разлики се она што нѐ прави единствени", вели една порака на профилот на мачката.
