• понеделник, 23 декември 2024

Мастерклас на „Импров Настап“ и ленд арт уметници од Италија на „Џифони Македонија“

Мастерклас на „Импров Настап“ и ленд арт уметници од Италија на „Џифони Македонија“
Скопје, 8 октомври 2022 (МИА) - Што се случува кога театарската сцена и публиката стануваат едно? Кога публиката има можност да одлучува за судбината на ликовите на сцената? На овие теми со учесниците на фестивалот „Џифони Македонија“ ќе разговараат членовите на „Импров групата Настап“ денеска во 16 часот во киното „Фросина“ во Скопје. Актерите Наталија Теодосиевска, Мартин Манев и Сергеј Димовски ќе раскажат како дошле до оваа идеја, кои се правилата на играта и што е потребно за да се биде „професионален импровизатор“. Настанот е од отворен карактер до пополнување на местата во „Фросина“. Во 17 часот ќе следува гостување на ленд арт уметниците од Италија, Роберто Геци и Антонио Масаруто. Тие претходно на пладне во Музејот на современата уметност ќе отворат изложба со нивни дела. Изложбата е доказ за тоа како природата може да биде активен учесник во создавањето на едно уметничко дело и како уметноста може да придонесе за заштита и промоција на екоосистемите. За оваа изложба уметниците имаа интеракција со флората и фауната од Националниот Парк Шар Планина, а во денешната средба ќе раскажат за процесот кој доведе до овие уметнички дела. Во претпладневните часови Кадетите ќе имаат можност да се сретнат со Рахела Јагрич Пирц, режисерката на словенскиот филм „Просторот помеѓу нас“, кој е денес на програмата во нивната категорија. Сениорите ќе го погледнат литванскиот филм „Остави ме да сонувам“, а кај јуниорите е на програмата „Срцето на една пеперутка“. Ќе продолжат и осумте креативни работилници на кои веќе трет ден интензивно се изучуваат нови вештинни од аудиовизуелните уметности, како алатка за развој на медиумската писменост кај младите. На третата фестивалска вечер, учесниците од седумте земји си се запознаа подобро, ги претставија фестивалите од каде што доаѓаат, а се одржа и еден од омилените настани на џифонци – меѓународната вечер кога сите учесници ја промовираат својата култура преку музика и храна. Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Министерството за култура на Северна Македонија, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија и Градот Скопје, од Младинскиот културен центар и Кинотеката, како и други институционални поддржувачи и бројни спонзори. мч/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан