• понеделник, 23 декември 2024

МАСИТ: Компаниите од ИКТ секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита на интелектуалните права

МАСИТ: Компаниите од ИКТ секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита на интелектуалните права

Скопје, 26 април 2024 (МИА) - Поради брзото напредување на технологијата и глобализацијата, заштитата на правата од индустриска сопственост станува сè повеќе предизвикувачка. Затоа, компаниите во ИКТ секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита на своите интелектуални права, вклучувајќи ги патентите, заштитните знаци, авторските права и други форми на заштита, порачува Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) по повод 26 април, Светскиот ден на заштита на правата од индустриска сопственост.

МАСИТ потсетува дека индустриската сопственост вклучува различни аспекти како патенти, заштитни знаци, авторски права и заштита на индустриски дизајни. Овие права, нагласува, им овозможуваат на иноваторите и креаторите да заштитат своите идеи, иновации и креативни дела од нелегална употреба и присвојување.

Според Комората, заштитата на интелектуалните права им нуди на компаниите многу предности, вклучувајќи конкурентска предност, вредност на брендот, можност за заработка, поттикнување на иновации и сигурност на инвестициите. На овој начин, не само што директно се заштитуваат компаниите, туку и се поддржуваат иновацијата и креативноста во ИКТ секторот, што придонесува за позитивни ефекти врз целиот еко-систем.

-Светскиот ден на првата од индустриска сопственост на глобално ниво се одбележува секоја година на 26 април. Македонските ИКТ компаниите јасно ја гледаат користа и големото значење токму во овој сектор, каде иновацијата и креативноста се клуч за успехот. Со поддршка од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост - ИМЕ, активно ги спроведуваме проектните активности во рамки на проектот за „Подигнување на свеста за потребата од заштита на правата од индустриска сопственост и воспоставување на иницијална правна помош во комората“. Во рамки на проектот, компаниите имаа прилика да се запознаат со суштинското значење и придобивките од спроведување на заштита на индустриската сопственост, при што краен исход е новата услуга во Комората кон компаниите членки на МАСИТ за постојана правна помош за заштита на интелектуалната и индустриската сопственост, информира Комората.

Со цел соодветна едукација на своите членови, на ова претходеле неколку едукативни работилници со македонски и регионални експерти во областа.

-Оваа иницијатива им овозможи на компаниите да се запознаат со значењето и придобивките од заштита на правата од индустриска сопственост, при што беа презентирани успешни искуства и добри практики. Во рамки на проектот, пет компании веќе поминаа низ процесот со поддршка на МАСИТ и Швајцарската Програма ИМЕ. На една од едукативните работилници присуствуваа и претставници на Formula Student Macedonia - македонските студенти кои конструираат F1 болид за меѓународниот натпревар на конструктори, со цел соодветно да се информираат, истакнува МАСИТ. мч/дма/

фото: МАСИТ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан