• вторник, 24 декември 2024

Мартин ја охрабрува Северна Македонија да ги заврши успешно уставните измени

Мартин ја охрабрува Северна Македонија да ги заврши успешно уставните измени

Скопје, 10 мај 2023 (МИА) - Заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи и одбрана на Ирска, Михол Мартин ја охрабрува Северна Македонија да ги заврши успешно уставните измени, за, како што вели, непречено чекорење кон полноправното членство во Европската Унија.

Како што соопшти МНР, по средбата со министерот за надворешни работи, Бујар Османи во Даблин, Мартин истакна дека таква обврска имаше и Ирска пред да стане земја членка на Унијата, но дека вредеше зашто, според него, со тоа следеше позитивна трансформација на земјата.

-Од перспектива на ирската влада и ирскиот народ, на референдумот гласавме да се откажеме од нашите територијални претензии во Северна Ирска како дел од компромисот што сите требаше да го направат за да се постигне мир во Ирска. Мило ми е што можам да кажам дека успеавме. Имавме 25 години мир и за помладите генерации сега е нешто што треба да се научи во историските книги во однос на конфликтот, бидејќи нивната реалност е реалноста на мирот и подобриот квалитет на живот, рече Мартин.

Шефот на ирската дипломатија се заблагодари за професионалното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ, во тешките околности во кој се наоѓа светот. мч/лв/

фото: МНР

Остани поврзан