Марта Кос во посета на Босна и Херцеговина
- Кос ќе ги охрабри властите на земјата „да ги преземат сите релевантни чекори за одржување на долгоочекуваната прва Меѓувладина конференција“ и ќе ја нагласи важноста да не се пропушти единствената можност што ја нуди Планот за раст на Западниот Балкан.
Брисел, 22 септември 2025 (МИА) - Еврокомесарката за проширување Марта Кос престојува во посета на Босна и Херцеговина, со цел да ја реафирмира поддршката на ЕУ за европската перспектива на иднината на земјата и да ги охрабри властите да го забрзаат процесот на реформи.
Според најавата, по одлуката на Европскиот совет од март 2024 година за почеток на пристапните преговори на ЕУ со БиХ, Кос ќе ги охрабри властите на земјата „да ги преземат сите релевантни чекори за одржување на долгоочекуваната прва Меѓувладина конференција“ и ќе ја нагласи важноста да не се пропушти единствената можност што ја нуди Планот за раст на Западниот Балкан.
Предвидено е Кос денеска да се сретне со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, со претседавачката на Советот на министри, Борјана Кришто, како и со претседателката на Централната изборна комисија, Ирена Хаџиабдиќ.
Еврокомесарката ќе отпатува и во местото Брус, каде со градоначалникот Бојо Гашановиќ ќе посети игралиште и клиника, чија изградба е финансирана од ЕУ, и ќе се сретне со локални планинарски здруженија и млади луѓе.
Кос во Градското собрание во Сараево ќе присуствува на церемонија на потпишување на договорот за изградба на нов музеј на современа уметност, со финансиска поддршка од програмата „ЕУ за Културата“.
Утре, Кос ќе има воведно обраќање на Конференцијата „Критички гласови под притисок“, што ќе се одржи во „Европската куќа “ во Сараево, а во Високо ќе учествува на настан со млади луѓе и спортисти, организиран од Олимпискиот комитет на БиХ, како дел од 10-тата Европска недела на спортот.
Во Високо, Кос ќе се сретне и со градоначалникот Мирза Ганиќ и со општински советници, по што ќе замине општина Вареш, која е опфатена со проектот финансиран од ЕУ „Зајакнување на довербата и кохезијата во заедниците во Босна и Херцеговина - Можеме подобро“.
Во среда, Кос ќе има обраќање пред членовите Парламентот на Босна и Херцеговина, а ќе се сретне и со претставници на организациите на граѓанското општество, на медиумите и на локалните заедници, како и со влијателни жени во сферата бизнисот и млади. сп/јт/
Фото: МИА Архива