• сабота, 16 ноември 2024

Маркињос: Тежок период за Бразил, на тимот му недостасува самодоверба

Маркињос: Тежок период за Бразил, на тимот му недостасува самодоверба

Асунсион, 11 септември 2024 (МИА) - Бразилскиот репрезентативец Маркињос по поразот од Парагвај изјави дека тимот минува низ тежок период и нема доволно самодоверба.

Бразил беше поразен со 1:0 од Парагвај, во натпреварот од осмото коло од јужноамериканската група од квалификациите за СП 2026 година.

-Квалификациите не се лесни, ова е тешко време за нашата репрезентација. Единствено што ни останува е да работиме напорно за да ја подобриме играта. Ова е преоден период, има одредена промена на генерации и никогаш не е пријатно да се помине низ тоа, изјави Маркињос, пренесува бразилски „Глобо“.

Бразилскиот репрезентативец изјави дека тренерот Доривал Јуниор се обидува да најде соодветна тактика и стил на игра, како и дека тимот игра без доверба.

-Нашиот тренер се уште се обидува да го најде вистинскиот тим и начин на игра. Сето тоа се одразува на нашата игра и резултат. Во моментов талкаме и што е најлошо, играме без самодоверба, изјави Маркињос.

Фудбалерите на Бразил се на петтото место во јужноамериканските квалификации за Светското првенство, откако имаат 10 бода од осум натпревари.

Пласман на Мундијалот ќе обезбедат шесте првопласирани репрезентации од јужноамериканските квалификации, додека седмата селекција ќе игра во баражот.

СП 2026 ќе се игра од 11 јуни до 19 јули во САД, Канада и Мексико. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан