Маркињос: Мора да останеме верни на себе и да ја следиме филозофијата што нè донесе до овој момент
- Капитенот на Пари Сен Жермен, Маркињос, зборуваше на прес-конференцијата пред финалето на Лигата на шампионите против Интер вечерва на „Алијанц Арена“ во Минхен.

Минхен, 31 мај 2025 (МИА) - Капитенот на Пари Сен Жермен, Маркињос, зборуваше на прес-конференцијата пред финалето на Лигата на шампионите против Интер вечерва на „Алијанц Арена“ во Минхен.
-Влегуваме во ова финале со поинаков став во споредба со последниот пат, кога не успеавме да победиме. Сега сме во поинаква фаза, подготвени сме на нов начин и со поинаков пристап, рече бразилскиот дефанзивец.
Маркињос е единствениот играч во сегашниот состав на ПСЖ кој беше дел од тимот кога учествуваше во последното финале во 2020 година. Тогаш францускиот гигант загуби со 0-1 од Баерн Минхен на истиот стадион каде што ќе се соочат со Интер вечерва. Натпреварот е вечерва, 31 мај, со почеток во 21:00 часот по наше време.
На прашањето како ПСЖ ќе се справи со напаѓачката моќ на Интер, предводена од Лаутаро Мартинез, Маркус Турам и бековите, капитенот одговори: „Тоа е добро прашање. Работевме напорно на нашата одбранбена организација. Се обидовме да ги научиме силните страни на Интер и да изградиме план за нивно неутрализирање. Но, не можам да откријам премногу“.
И покрај предизвикот, Маркињос ја нагласи важноста на идентитетот на тимот.
-Мора да останеме верни на себе и да ја следиме филозофијата што нè доведе до оваа точка. Од почетокот на сезоната, развивме стил што ни донесе резултати. Не треба да менуваме сè. Интер има свои квалитети, но и ние имаме свои силни оружја, додаде дефанзивецот. дс
Фото: Архива