• среда, 20 ноември 2024

Маричиќ: Членството на Западен Балкан во ЕУ е инвестиција во европскиот мир и безбедност

Маричиќ: Членството на Западен Балкан во ЕУ е инвестиција во европскиот мир и безбедност

Скопје, 13 мај 2023 (МИА) - Членството на Западен Балкан во ЕУ, без сомнеж, е инвестиција во европскиот мир и безбедност. Но, додека работиме тоа да се случи мораме да соработуваме, да се поврзуваме и зближуваме земјите од регионот за да се подготвиме подобро и да си го олесниме патот кон ЕУ, објави на на Фесјбук вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, кој денеска во Тирана учествуваше на панел-дискусија „ЕУ и Западен Балкан: безбедност, регионална соработка и интеграција“, во рамки Иницијативата Балкански дијалози.

- Енергијата на ЕУ е насочена кон обединување на државите од Западен Балкан. Дали ќе станеме членка на ЕУ зависи од нашата посветеност на процесот и реформите, но тоа само по себе не е доволно доколку ЕУ не покаже дека има јасен план за проширување. ЕУ и Западен Балкан е приказна која е почната одамна, на многу страни испишана и која е време да и дадеме извесен и среќен крај, наведува Маричиќ.

Тој на ФБ објави и дел од неговото „Неделното Интервју“ на МТВ2, во кое нагласува дека поддршка за евроинтеграцијата имаме, а наше е со проактивност да го задржиме фокусот на ЕУ и успешно да ги завршиме преземените обврски во однос на уставните измени.

- Доколку успееме да ги спроведуваме обврските кои ги имаме, нашиот рејтинг и поддршката за нас ќе расте, во спротивно ние самите ќе се доведеме во ситуација да се блокираме. Уставните измени има можност да се завршат успешно до ноември само ако се држиме до она што ни е обврска од преговарачката рамка, и доколку дејствуваме брзо во наредниот период. Имаме највисоко ниво на позитивни односи со ЕУ. Почитување и респект од Брисел за нашите политики, но и за напорите коишто ги прави целото македонско општество и држава во изминативе неколку години, вели вицепремиерот Бојан Маричиќ.са/

Фото: ФБ

 

Остани поврзан