• среда, 25 декември 2024

Маричиќ - Суперти: Европскиот напредок на државата е реалност

Маричиќ - Суперти: Европскиот напредок на државата е реалност

Скопје, 23 јануари 2024 (МИА) - Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, денеска се сретна со новоназначената директорка за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Валентина Суперти.

Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања на средбата се разговарало за успешно завршениот скрининг процес, за спроведувањето на Планот за раст, одлучноста на двете страни за упорно работење со цел пристапување на државата во ЕУ, реализација на реформската агенда, како и поддршката која Европската Комисија постојано ја дава за Северна Македонија. 

Во таа насока, вицепремиерот Маричиќ изразил очекување за натамошна поддршка од европските институции за реформската агенда и процесите кои се пред нас на патот кон ЕУ, укажувајќи дека тоа е ќе придонесе да го задржиме европскиот курс на државата, и на стабилноста на целиот регион.

Директорката Суперти истакнала дека посветеноста и стратегијата за вклучување на Европската Комисија за проширување на унијата со земјите од Западен Балкан е важна политика за регионот и продолжува со максимално темпо.  

-Планот за раст е инструмент за забрзување на клучните реформи, развој и поддршка на економиите на земјите од Западен Балкан, со цел напредок и реализација на стратешката цел за пристапување во ЕУ, истакнала таа.

Вицепремиерот Маричиќ се заблагодарил за континуираната поддршка и одличната соработка со европските институции, потенцирајќи дека институциите ќе продолжат посветено да работат на евроинтеграциите, се до постигнување на крајната цел, полноправното членство на државата во ЕУ.

На состанокот присуствувале и државната секретарка на Секретаријатот на европски прашања, Дрита Абдиу Халили и претставници на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија. свс/дма/

Фото: СЕП

Остани поврзан