• сабота, 23 ноември 2024

Маричиќ: Поврзувањето на регионот преку Берлинскиот процес е основа за креирањето на вистинските енергетски политики

Маричиќ: Поврзувањето на регионот преку Берлинскиот процес е основа за креирањето на вистинските енергетски политики

Скопје, 10 јуни 2024 (МИА) - Десетгодишнината од Берлинскиот процес треба да ни даде поттик да вложиме повеќе труд и да работиме подобро во следните години, до постигнување на конечната цел за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ, особено во овој геополитички моментум, порача вечерва првиот вицепремиер во техничката Влада задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ  на воведната сесија на 7. Македонски енергетски форум  МЕФ 2024.

Воведната сесија „Декодирање на деценијата" беше посветена на значењето на Берлинскиот процес во однос на регионалната соработка, енергетската криза и транзицијата кон обновливи енергии. 

Маричиќ ја нагласи важноста за поврзувањето на регионот во соработка со Европската Унија и креирањето на енергетските политики и развој на инфраструктурата со цел развој на државата и регионот. 

Ја истакна важноста на Планот за раст и мерките кои се превземаат со Планот, каде што голем дел од реформите се насочени кон решавање на предизвиците со енергијата на регионот на Западен Балкан.

-Прв пат имаме точно определени мерки, поврзани со финансиски механизам за поддршка од Европската Унија кои ќе придонесат за развој на државата и решавање на предизвиците со енергијата, таа можност треба да се искористи со што ќе се создаде стратегија за развој на енергијата, наведе Маричиќ.

Како што информира владиниот Секретарија за европски прашања, Маричиќ посочил дека инфраструктурните проекти се поврзани со енергетските проекти и ја истакнал важноста на инвестициите потребни на институциите во процесот на реформи. 

-Помошта за време на енергетската криза од Европската Унија беше незаменлива. Соработката на регионот преку Берлинскиот процес во решавање на предизвиците со енергијата кои се фокус на регионот и Европа е клучна за стабилност и просперитет на државата, рече Маричиќ.

Официјалното отворање на МЕФ 2024 е утре. Организатор е невладината организација ЗИП институт во соработка со Делегацијата на Европската Унија.лв/

фото:СЕП 

 

Остани поврзан