• вторник, 24 декември 2024

Маричиќ: „Отворен Балкан“ е новото лице на Балканот

Маричиќ: „Отворен Балкан“ е новото лице на Балканот

Скопје, 11 јуни 2022 (МИА) - „Отворен Балкан“ е иницијатива којашто е автохтона, искрена и отворена за сите, со намера државите од Западен Балкан да направат нешто повеќе за граѓаните од нивните држави, олеснување на протокот на луѓе и добра, капитал и иницијативи и проекти коишто ќе го поврзат регионот и ќе покажат едно ново лице на Балканот, вели вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју Фронтлајн.

- Оваа иницијатива има за цел да ги зближи луѓето, сите отворени прашања да ги стави на маса и со прагматични чекори, со олеснување на преминот преку границите, со признавање на дипломите во целиот регион, со можност за вработување, да се почувствува тој европски дух и во Западен Балкан. Ние како држава сме секогаш отворени доколку некоја друга земја сака да се приклучи на иницијативата, истакнува вицепремиерот Маричиќ.

На прашањето зошто некои земји од Балканот, како на пример Босна и Херцеговина и Косово со недоверба и страв гледаат на иницијативата, Маричиќ вели дека тоа, според него, главно се должи на лошите искуства од минато, кога Балканот беше жариште на војни, жариште на конфликти, бескрајни билатерални спорови од коишто корист имаа само одредени политички групи или политичари.

Според Маричиќ, само на Балканот уште постојат толку тврди граници, кои тешко се поминуваат во секоја смисла, и во симболична и во практична смисла, што била една од причините лидерите да ја создадат оваа иницијатива, со која ќе се олесни живеењето на граѓаните и транзитирањето во овие земји.

- Се чека во редици, бизнисот тешко функционира од двете страни на границата. Неодамна еден албански бизнисмен којшто извезува морска храна рече дека полесно е да се извезе во Норвешка, отколку во Северна Македонија или Србија. Тоа нè поттикна на оваа иницијатива која има за цел да ги зближи луѓето, сите отворени прашања да ги стави на маса и со прагматични чекори, со олеснување на преминот преку границите, со признавање на дипломите во целиот регион, со можност за вработување, да се почувствува тој европски дух и во Западен Балкан, истакна Маричиќ, потенцирајќи дека ние како држава сме секогаш отворени доколку некоја друга земја од Западен Балкан сака да се приклучи на иницијативата.

Остани поврзан