• сабота, 23 ноември 2024

Маричиќ: Вреди да вложиме напори за да успеат уставните измени, секоја друга опција би била полоша

Маричиќ: Вреди да вложиме напори за да успеат уставните измени, секоја друга опција би била полоша

Скопје, 8 септември 2023 (МИА) - Јас сум оптимист дека овие уставни измени ќе се случат. Сè уште работиме на планот А а тоа е успешно спроведување на уставните измени, доколку опозицијата остане и не ги гласа тогаш последиците ќе бидат долгорочни, и тоа внатрешни и надворешни. Мислам дека така ќе го загубиме моментумот, ќе го изгубиме статусот од земја којашто преговара во земја којашто е далеку од преговорите како што се Босна и Херцеговина и Косово. Северна Македонија беше предводник на овој процес кој го започна уште во 2001 година и со добивање на кандидатскиот статус во 2005 заедно со Хрватска. Затоа сметам дека ова е нешто за кое вреди да се бориме и да вложиме напори за да успееме, затоа што секоја друга опција би била полоша, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ за поткастот „Балканс Дебриф“.

Маричиќ додаде дека уставните измени не се прават заради Бугарија, ниту пак заради некоја партија, туку за иднината на државата, за да Северна Македонија стане земја членка на ЕУ и дека планот на Владата е јасен, за да не се вратиме во чекалната, во којашто седиме последните 17 години.

-Ние сме го отвориле дијалогот и со опозицијата, не само со раководството туку индивидуално со секој пратеник на Собранието, и ќе направиме сè што можеме да им објасниме и да ги убедиме, ако не целата група, барем дел од нив дека ова е вистинскиот момент кога треба да се донесе одлука. Во спротивно ќе бидеме уште еднаш спречени на патот кон ЕУ, и тоа ќе биде на наша штета, нагласи вицепремиерот Маричиќ.

Тој изрази сигурност дека поголемиот дел од пратениците ќе успеат да ја разберат важноста на нивната позиција и одговорноста која ја имаат во донесувањето на овие одлуки, и дека има доволно време до ноември за да се добијат потребните седум-осум гласови кои недостигаат.

На прашањето за уставните измени и реакциите на јавноста и нивната непопуларност, како што тврди опозицијата, вицепремиерот Маричиќ рече дека има два аспекти одговорот на ова прашања, објаснувајќи дека тоа не е стандардна обврска од пристапните преговори со ЕУ, односно дека е билатерално барање на една земја членка, и другиот аспект поради фактот дека бевме уверени дека со затворањето на спорот со Грција ќе завршат пречките за нашите преговори со ЕУ.

-Влада направи тешки, но добри преговори со Бугарија и Франција за време на француското претседавање изминатата година, за да го направи овој т.н. Француски предлог, со кој сме овозможиле заштита на нашиот јазик и идентитет и ова сме го докажале во пракса, и овозможивме отворање на преговорите со ЕУ, нагласи Маричиќ, додавајќи дека „како што поминува времето, луѓето разбираат дека не носат никаков ризик за македонскиот идентитет овие уставни измени“.

Во таа насока Маричиќ смета дека атмосферата е многу по различна од минатата година и дека реториката предизвикана од силната пропаганда инсценирана од Русија и од националистичките партии, со цел да ја намалат популарноста на ЕУ, е смирена.

-Ние се бориме со овој феномен, и во моментот сме започнале една јавна кампања, одејќи по градови, комуницираме и зборуваме со луѓето, дека ова нема на го загрози нашиот идентитет или нашата иднина, туку дека носи членство во ЕУ и дека уставните измени се најдобриот начин да го зачуваме нашиот идентитет и развој како просперитетна европска држава, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервјуто за Балканс Дебриф, претставено од Центарот за Европа на Атлантскиот совет. дма/

Фото: СЕП

 

Остани поврзан