• среда, 25 декември 2024

Маричиќ-Брукс: Интеграцијата во ЕУ како влог во траен мир, просперитет и стабилност на цел регион и на Европа

Маричиќ-Брукс: Интеграцијата во ЕУ како влог во траен мир, просперитет и стабилност на цел регион и на Европа

Скопје, 11 јули 2023 (МИА) - Интеграцијата во ЕУ како влог во траен мир, просперитет и стабилност на цел регион и на Европа, било во фокусот на средбата во Вашингтон на вицпремиерот Бојан Маричиќ, со Робин Брукс, специјална советничка за Европа на потпреседателката на САД, Камала Харис.

-Разговаравме за отворените иницијативи и планови околу политиката на проширување на ЕУ, за потребата од видливи резултати и извесност на европската перспектива која ќе помогне во ефикасното и ефективно спроведување на реформите.
Како добра познавачка на состојбите на Западен Балкан, Брукс потврди дека Северна Македонија во вистински момент ги започна преговорите со ЕУ и дека сега мора да остане активна во процесот, напиша Маричиќ на Фејсбук.

Брукс, додава Маричиќ, потенцираше дека на маса е пакет за следно проширување во кое треба да се ги вложиме сите напори за нашата држава да остане дел од истиот.

-Искуството кое го имаме во евроатланската интеграција, практикувањето на дијалогот во решавањето на важни државни прашања, како и напорите за спроведување на клучните реформи, со цел да успееме во исполнувањето на нашите стратешки цели, прави Северна Македонија да е препознаена како фактор за регионалната стабилност и просперитет, и позитивен пример за целиот регион за правењето вистински избори кога се работи за иднината на и стабилноста на земјите од Западен Балкан, наведува вицепремиерот во објавата на Фејсбук.

Како што соопшти СЕП, Брукс, која има одлично познавање на состојбите на Западен Балкан потврди дека Северна Македонија во вистински момент ги започна преговорите со ЕУ и дека сега мора да остане активна во процесот, бидејќи на маса е пакет за следно проширување во кое треба да ги вложиме сите напори за нашата држава да остане дел од истиот.

На средбата од двата соговорници беше потенцирано дека интеграцијата во ЕУ значи вложување во трајниот мир, стабилност и просперитет на целиот регион и на Европа и дека треба да се работи заеднички и со ЕУ, но и земјите меѓусебно, со дијалог и регионална соработка, да се приближуваат кон Унијата.

Маричиќ се заблагодари на континуираната поддршка и помош во исполнувањето на европската реформска агенда и упати поканa на Брукс, заедно со потпретседателката на САД, Камала Харис, да ја посетат Северна Македонија.

Денеска вицепремиерот Маричиќ во Вашингтон ќе се сретне и со Роб Ли, директор на Канцеларијата за Европска Унија и регионални прашања при Стејт Департментот и амбасадорот Џим О’Брајан, Шеф на Одделот за координација на санкции при Стејт Департмент и именуван помошник Државен секретар за Европа и Евро-Азија. нд/са/

 

Остани поврзан