Маринакис: МНР ги презема сите неопходни активности за Благодатниот оган безбедно да пристигне во Грција
- Последната информација од Министерството за надворешни работи е дека ги преземаме сите неопходни активности за Благодатниот оган безбедно да пристигне во Грција, посочи портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 30 март 2026 (МИА) – Последната информација од Министерството за надворешни работи е дека ги преземаме сите неопходни активности за Благодатниот оган безбедно да пристигне во Грција, посочи портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Во изминатите денови во Грција се отвори дискусија во однос на тоа како оваа година, поради ситуацијата на Блискиот Исток, Благодатниот оган ќе пристигне во земјата, а солунскиот митрополит Филотеос во интервју за радиото „Статус ФМ“ од Солун неодамна рече дека „не е неопходно присуството на Благодатниот оган од Ерусалим за верниците да го прослават Воскресението“.
Маринакис на брифингот посочи дека смета дека Благодатниот оган е „нешто свето и многу важно за верниците“ и затоа грчкото МНР ги презема сите активности за да пристигне во Грција.
Заменик-министерот за надворешни работи на Грција Јанис Ловердос, како што објави државната телевизија ЕРТ, рекол дека Министерството за надворешни работи во соработка со военото воздухопловство ги презеле сите мерки за грчката делегација да замине за Ерусалим за да го донесе Благодатниот оган, а во тек се консултациите.
Според грчките медиуми, израелската Влада в среда ќе донесе одлука за безбедносните мерки за церемонијата на појавување на Благодатниот оган во Светиот гроб во Ерусалим.
Благодатниот оган во изминатите најмалку 20 години во Грција пристигнува на Велика сабота со специјален лет, а во последните години имало случаи кога стигнувал и до нашата земја, токму преку Грција. ср/сд/
Фото: Архива МИА