• понеделник, 23 декември 2024

МАПАС: Членовите во вториот и третиот пензиски столб да ги ажурираат своите лични податоци

МАПАС: Членовите во вториот и третиот пензиски столб да ги ажурираат своите лични податоци

Скопје, 23 февруари 2023 (МИА) - Членовите и пензионираните членови на задолжителните и доброволните пензиски фондови треба тековно да ги  ажурираат своите лични податоци со цел редовна комуникација со пензиските друштва, користење на услуги од капитално финансираното пензиско осигурување, доставување на известувања од пензиските друштва вклучувајќи ги и редовните годишни известувања, како и користење на дигитални алатки во современи услови кога технологијата брзо го трансформира и начинот на којшто функционира пензискиот сектор, апелираат од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС). 

Како што се вели во денешното соопштение од Агенцијата, пензиските друштва до членовите и пензионираните членови на пензиските фондови со кои управуваат, еднаш годишно доставуваат извештај за пензиска заштеда на индивидуална сметка, на доброволна индивидуална сметка и на професионална сметка и извештај за инвестициско портфолио.

Годишните известувања за претходната година до членовите на пензиските фондови се доставуваат во зелен плик најдоцна до 31 март во тековната година. За едноставен и брз начин на информирање членовите имаат можност извештаите за пензиска заштеда да ги добиваат преку електронска пошта.

-Пензиските друштва ги информираат членовите на пензиските фондови за наједноставниот и најбрзиот начин на кој можат да ги ажурираат своите лични податоци. Ажурирањето или коригирањето на своите податоци, членовите на пензиските фондови можат да го направат на еден од следните начини - ажурирање со писмено барање – со пополнување на Барање за ажурирање/корекција на личните податоци, ажурирање преку интернет страница – преку својот електронски систем на интернет страницата, друштвото му овозможува на член на пензиски фонд да ги ажурира своите лични податоци: име, презиме, адреса на живеење, место на живеење, поштенски код, место за коресподенција, поштенски код за коресподенција, адреса за коресподенција, телефон и електронска пошта, како и ажурирање преку телефонски контакт со пензиските друштва – член на пензиски фонд може да ги ажурира и/или коригира податоците кои се однесуваат на адресата за живеење или адресата за коресподенција со телефонско јавување на контакт телефоните на пензиските друштва, појаснуваат од МАПАС.

Според Агенцијата, одржувањето на ажурни и целосни податоци на членовите и пензионираните членови на пензиските фондови придонесува кон подобра достапност до членството и поедноставен и брз пристап на членовите до информациите што се однесуваат на нивните индивидуални сметки и работењето на системот како од аспект на личната улога на поединецот, така и заради зголемување на довербата и поддршката на граѓаните во капитално финансираното пензиско осигурување. сст/са/

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан