• понеделник, 23 декември 2024

Малцинската Влада на Трудо ја изгуби поддршката од својот политички сојузник

Малцинската Влада на Трудо ја изгуби поддршката од својот политички сојузник

Отава, 5 септември 2024 (МИА) - Канадскиот премиер Џастин Трудо претрпе сериозен политички удар вчера, откако неговиот главен сојузник од левицата објави дека го раскинува политичкиот договор за поддршка на владата на малцинството на либералите.

Премиерот не мора веднаш да распише нови избори, но ќе мора да најде нов поддржувач во парламентот за да преживее евентуален предлог за недоверба.

Во видео објавено на социјалните мрежи, лидерот на Новата демократска партија (НДП), Џагмит Синг, соопшти дека се повлекува од сојузот формиран пред три години.

- Денеска нема да се занимавам со политика, рече канадскиот премиер, прашан на таа тема за време на посетата на училишта во источната провинција Њуфаундленд и Лабрадор.

Во своето обраќање, Синг не ги поштеди критиките кон своите поранешни сојузници: „Либералите се премногу слаби, премногу себични и премногу блиски до ултрабогатите за да се борат за народот“.

Тој го обвини и Џастин Трудо дека не е способен да се спротивстави на конзервативната опозиција. Опозицијата, предводена од Пјер Поалијевр, има значителна предност во анкетите пред парламентарните избори, кои треба да се одржат до крајот на октомври 2025 година.

Според истражувањето на „Ангус Рид“, објавено вчера, конзервативците значително водат пред либералите со 43 проценти поддршка наспроти 21 процент. На НДП им се предвидуваат 19 проценти поддршка.

По минималната победа на либералите на Џастин Трудо на изборите во септември 2021 година, НДП се согласи да ја поддржи партијата за да ја заштити од гласање за недоверба, кое би можело да ја урне владата.

Во замена за поддршката, НДП успеа да воведе неколку социјални програми, вклучувајќи нова програма за стоматолошка заштита за Канаѓаните со ниски приходи и закон против користење заменици за време на штрајк.

Овој договор требаше да трае до јуни 2025 година.

Во моментов, во Долниот дом на Канада има 154 пратеници од Либералната партија на Канада, 119 од Конзервативната партија на Канада, 32 од блокот Квебек, 24 од НДП, двајца Зелени, тројца независни пратеници и четири празни места.ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан