• четврток, 19 март 2026

Макрон повика на прекин на нападите врз енергетските капацитети на Блискиот Исток

Макрон повика на прекин на нападите врз енергетските капацитети на Блискиот Исток

Париз, 19 март 2026 (МИА) – Францускиот претседател Емануел Макрон повика на прекин на нападите врз нафтените и гасните капацитети на Блискиот Исток, по разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп и емирот на Катар, Тамим бин Хамад Ал Тани, за војната во Иран.

„Во наш заеднички интерес е без одлагање да се спроведе мораториум на нападите насочени кон цивилната инфраструктура, особено објектите за снабдување со енергија и вода“, објави Макрон на Х.

„Цивилното население и неговите основни потреби, како и безбедноста на снабдувањето со енергија, мора да бидат заштитени од воена ескалација“, додаде тој.

Макрон соопшти дека разговарал со Ал Тани и Трамп „по нападите што ги погодија капацитетите за производство на гас во Иран и Катар“ во средата.

Катар е еден од најголемите светски производители на гас и исто така игра клучна улога во глобалното снабдување со течен природен гас (ЛНГ).

Во моментов, речиси ниеден брод не поминува низ Ормускиот Теснец, критична поморска рута за транспорт на нафта и гас, поради страв од напади од Иран. Техеран лансираше ракетни напади и напади со дронови низ регионот и постави мини во стратешки важниот теснец како одговор на американско-израелската офанзива што почна на 28 февруари.

Неодамна се појавија и стравувања дека завојуваните страни би можеле сè повеќе да ја гаѓаат виталната инфраструктура за снабдување со вода за населението во Иран и во заливските држави, вклучувајќи ги и постројките за отсолување, пренесе ДПА.

Во Бахреин, важна постројка за третман на вода за пиење беше погодена во ирански напад пред неколку дена. Имаше и извештаи за напад врз постројка за отсолување во Иран. јт/

Остани поврзан