• сабота, 16 ноември 2024

Макрон го повика Израел да му одговори на Хамас на „цврст, но праведен“ начин

Макрон го повика Израел да му одговори на Хамас на  „цврст, но праведен“ начин

Париз, 12 октомври 2023 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска го повика Израел на „цврст“, но „праведен“ одговор по „терористичкиот напад“ од Хамас, кој францускиот лидер го опиша како „ослободување апсолутна суровост“ против еврејската држава, што однесе повеќе од 1.200 животи.

- Единствениот одговор на тероризмот, единствениот можен, е секогаш цврст и праведен одговор, цврст затоа што е фер, рече Макрон во телевизискиот говор.

- Израел има право да се брани со елиминирање на терористичките групи, вклучително и Хамас, преку целни акции, но и со зачувување на животите на цивилното население, бидејќи тоа е должност на демократијата, истакна францускиот претседател.

Макрон соопшти дека 13 француски државјани биле убиени од палестинските исламисти во нападот врз Израел на 7 октомври и вети дека ќе стори сé што е можно за да ги врати преостанатите 17 негови сонародници, чија судбина не е позната.

Францускиот претседател во своето обраќање го нарече Хамас терористичка организација која сака уништување на израелскиот народ и додаде дека единствениот начин за решавање на кризата е давање безбедносни гаранции за Израел и создавање палестинска држава.

Претходно денеска, неколку стотици демонстранти во Париз и пркосеа на полициската забрана за пропалестински демонстрации и протестираа против акциите на Израел и за поддршка на Палестинците.

Единиците за одржување на редот употребија солзавец и водени топови за да ја растераат толпата.

Демонстрантите, кои беа претежно млади луѓе од различно потекло кои ја поддржуваа палестинската кауза, со спреј испишаа „Слобода за Палестина“ на споменикот на Плоштадот „Република“ во источен Париз. Многумина носеа палестински знамиња и извикуваа „Сите сме Палестинци“.

Претходно оваа недела, илјадници луѓе маршираа во Париз во знак на поддршка на Израел, а Ајфеловата кула беше осветлена во боите на израелското знаме. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан