• понеделник, 23 декември 2024

Макрон: Војната во Украина е проблем и за азиско-пацифичките земји

Макрон: Војната во Украина е проблем и за азиско-пацифичките земји
Бангкок, 18 ноември 2022 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Бангкок повика азиско-пацифичките земји да се приклучат на „сè поголемиот консензус“ против војната во Украина, нагласувајќи оти таа војна е и „нивен проблем“. - Приоритет број еден за Франција е да придонесе за мирот во Украина и да се обиде да создаде глобална динамика за притисок врз Русија, подвлече Макрон на самитот на лидерите на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК). Како што додаде тој, Франција сака многу блиска соработка со разни земји, како што се Кина, Индија, земјите од Блискиот Исток, Африка, Латинска Америка, за да создаде сè поголем консензус. Според него, тие земји исто така треба да кажат дека војната во Украина е и нивен проблем, затоа што создава дестабилизација. - Помогнете ни да испратиме порака до Русија - запрете ја војната, почитувајте го меѓународниот поредок, вратете се на (преговарачката) маса, истакна Макрон. Во Бангкок денеска почна самитот на АПЕК во услови на војна во Украина и севернокорејското лансирање балистички ракети. Ова е првиот состанок во живо на лидерите на АПЕК од 2018 година. Непосредно пред почетокот на самитот, Пјонгјанг лансираше уште една ракета, за која се верува дека паднала во морето во јапонската ексклузивна економска зона, според јапонскиот премиер Фумио Кишида. бд/јт/

Остани поврзан