• петок, 20 декември 2024

Македонско - фински бизнис форум во организација на Стопанската комора

Македонско - фински бизнис форум во организација на Стопанската комора

Скопје, 17 мај 2023 (МИА) - Компании од ИКТ секторот, рударството, заштита на животната средина, производство и продажба на медицинска опрема и градежништвото, заинтересирани за воспоставување на деловна соработка и размена на искуства се присутни на денешниот македонско-фински бизнис форум што се одржува во Скопје во организација на Стопанската комора.

-Нема подобар чин од одбележување на 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Северна Македонија и Финска освен преку Бизнис форум. Високото ниво на меѓусебна политичка доверба и разбирање, без отворени прашања или билатерални проблеми, е одлична основа за унапредување и продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји преку поврзување на македонски и фински компании, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на почетокот на бизнис форумот.

Тој посочи дека финските компании на денешниот форум ќе се запознаат со економските политики на Владата за поттикнување и поддршка на странските инвестиции во земјава, кои минатата година постигнаа историски резултат од 753 милиони евра.

-Реализацијата на инвестиции во нашата земја може да ги интензивира економските врски и да создаде заемно корисни партнерства помеѓу бизнис заедниците. Нашиот фокус е преку нови странски инвестиции да отвориме работни места, кои ќе обезбедат повисоки плати за нашите граѓани. Воедно, ја поддржуваме иновативноста и конкурентноста на економијата, притоа водејќи грижа да ја зголемиме соработката помеѓу домашните и странските компании, рече Битиќи.

Денешниот бизнис форум, додаде, дава можност преку дијалог да се споделат вредности кои се од особено значење за одржливиот раст и развој на економиите во 21 век, а кои имаат обединувачки потенцијал за македонската и финската економија.

Финскиот амбасадор во заминување, Кимо Лахдевирта посочи дека се надева оти форумот ќе биде првиот чекор за поголема и поинтензивна соработка меѓу македонските и финските компании.  

-Денешниов форум докажува дека се повеќе има интерес во Финска за инвестиции во Северна Македонија и токму затоа на него има фински компании од различни сектори како што се рударството, енергетиката, здравството, ИКТ секторот, изјави Лахдевирта.вј/дма/

Фото: Влада

 

Остани поврзан