• вторник, 28 јануари 2025

Македонско друштво „Илинден“-Тирана бара да се формираат oпштини Голо Брдо и Гора

Македонско друштво „Илинден“-Тирана бара да се формираат oпштини Голо Брдо и Гора

Дебар, 27 јануари 2025 (МИА) - Македонско друштво „Илинден“-Тирана, во име на македонската заедница во Албанија побара создавање на две нови општини во земјата, и тоа Голо Брдо и Гора, со образложение дека територијалната поделба од 2014 година ги оставила областите без развој и неправедно ги споила со големи општини како Булќиза или Либражд и Кукс, не претставувајќи ги малцинските интереси.

-Македонско национално малцинство во областите Голо Брдо и Гора смета дека укинувањето на општините е чекор назад во почитувањето на правата на малцинствата во Република Албанија. Затоа, во име на македонската заедница, бараме од албанската владата да предложи измени на Законот за локална самоуправа за создавање две нови општини, Општина Голо Брдо и Општина Гора, стои во барањето потпишано од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај и координаторот за Голо Брдо, Фатри Фетаху.

Сметаме, се додава, дека овој демократски процес ќе ја зголеми довербата на граѓаните во системот и ќе овозможи поефикасно решавање на проблемите во двете области.

Според друштвото, десет години по територијалната поделба, направена 2014 година, со која и тогаш не се согласувале Македонците, областите Голо Брдо и Гора каде живее македонското национално малцинство се уште останаа неразвиени.

Со последната територијална поделба, во 2014 година, општините Требиште, Острени и Стеблево во областа Голо Брдо беа укинати, и се припоени кон општините Булќиза, првите две општини и Стеблево кон Либражд, а општините Шиштавец и Запот, во областа Гора, беа припоени кон Општина Кукс.

На барањето посебен простор отстапуваат и албанските медиуми, главно под наслов „Македонската заедница бара создавање општини Голобордо и Гора во Албанија“ при тоа пренесувајќи го интегралниот текст на барањето. вт/дма/

Фото:МИА архива/принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан