• вторник, 24 декември 2024

Македонско-германско стопанско здружение домаќин на 14. Октоберфест во Скопје

Македонско-германско стопанско здружение домаќин на 14. Октоберфест во Скопје

Скопје, 15 септември 2023 (МИА) - Повеќе од 1 000 гости од бизнис секторот присуствуваа на традиционалниот Октоберфест што се одржува 14 години по ред во организација на Македонско-германското стопанско здружение. И оваа есен претставниците на бизнис секторот, дипломатијата и медиумите имаа можност во Скопје да ја почувствуваат баварската традиција долга 223 години.

Антје Ванделт, директорката на АХК Северна Македонија и раководен член на Управниот Одбор на Македонско-германското стопанско здружение и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер на традиционален бравски начин со дрвен чекан го отворија чепот на првото буре со пиво, а со изреката „О'zapft is“ (чепот е отворен) официјално почна прославата на Октоберфест во Скопје. Повеќе од 1 000 гости од бизнис секторот, дипломатијата и медиумите уживаа во традиционална баварска кујна, германски и македонски пива и музиката на рок бендот South Park.

-За мене ова е првиот Октоберфест во Скопје и ме радува фактот дека една долгогодишна германска традиција е толку добро прифатена. Од година во година расте бројот на германските инвестиции во Северна Македонија, а со тоа се зголемува и бројот на нашите гости на Октоберфест. Илјада претставници на бизнис заедницата се вечерва со нас, заеднички да ги прославиме сите успеси, но и да наздравиме со студено пиво за посветеното работење, рече Ванделт.

Според амбасадорката на СР Германија, Петра Дрекслер, овој настан е од големо значење за соработката на економски и културен план меѓу двете земји.

-Особено ми е мило што прославата на Октоберфест во Скопје прерасна во традиција, овој настан е од големо значење за градот Скопје, тој е важен за соработката како на економски, така и на културен план помеѓу нашите две земји, рече Дрекслер. мч/цр

Фото:  Македонско-германското стопанско здружение

Тагови

Остани поврзан