• среда, 18 декември 2024

„Македонски безбедносни лавиринти“, нова книга на Свето Стаменов и Трајан Гоцевски

„Македонски безбедносни лавиринти“, нова книга на Свето Стаменов и Трајан Гоцевски
Скопје, 19 јули 2022 (МИА) - Од печат излезе „Македонски безбедносни лавиринти“ четврта книга на Свето Стаменов, политиколог и новинар на Македонското радио – Радио Скопје и на проф. д-р Трајан Гоцевски, универзитетски професор и поранешен декан на Филозофскиот факултет во Скопје, експерт од областа на одбраната и безбедноста, министер за одбрана во првата експертска влада, член на Советот за безбедност и на Советот за стратегиски истражувања при МАНУ. Книгата претставува продолжение на трилогијата што под ист наслов беше објавена во 2019 година и во која во три книги беа објавени 49 интервјуа кои беа емитувани на програмите на Македонското радио – Радио Скопје во периодот од 2006 до 2018 година. Оваа четврта книга на „Македонски безбедносни лавирити“ ја продолжува приказната за македонските безбедносни лавиринти во 2019 и во 2020 година со 20 интервјуа што беа реализирани во редовната попладневна програма „Актуелно“ и во редовната саботна претпладневна програма „Радио спектар“ и кои се „распослани” на околу 450 страници. Најголем дел од интервјуата во оваа четврта книга се поврзани со постапките, процедурите и официјализирањето на нашето зачленување во НАТО-сојузот. Предмет на разговорите на двајцата автори водени во македонскиот медиумски простор беа и напорите за зачленување на нашата земја во Европската Унија, а застапени се и интервјуа поврзани со пандемијата на коронавирусот. Свето Стаменов и Трајан Гоцевски коавтори се и на книгите „Македонски безбедносни лавиринти“ (2015), „Армија на мирот“ (2017) и на двотомната книга „Македонија во НАТО“ (2020). вј/бак/

Остани поврзан