• вторник, 24 декември 2024

Македонските туристички потенцијали претставени на саемот „EMITT 2024” во Истанбул

Македонските туристички потенцијали претставени на саемот „EMITT 2024” во Истанбул

Скопје, 6 февруари 2024 (МИА) - Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) заедно со туристичкиот сектор од денеска до 9 февруари ги претставува македонските туристички потенцијали на 27. Интернационален туристички саем „EMITT 2024“ во Истанбул.

АППТ информира дека се работи за водечка туристичка изложба во регионот за презентација на новите бизниси и можности за соработка на туристичката индустрија, придонесувајќи за раст на секторот.

-Како една од петте најдобри туристички изложби ширум светот, ЕМИТТ годишно привлекува околу 40 000 индустриски професионалци и туристи од 100 земји, кои бараат нови и возбудливи можности за патување од дестинации и компании за туристички услуги од целиот свет. На нашиот штанд, туристички програми презентираат претставниците од приватниот сектор Фибула, Бадем Тур и ДМЦ Балканс, соопшти Агенцијата.

Оттаму наведуваат дека турскиот туристички пазар е еден од најзначајните за нашата држава и дека интересот на турските туристи за македонските дестинации е со забележителен раст.  Во 2023 година, 21 процент од вкупниот број странски туристи биле гости од Турција, односно 189 221 посети и 268 974 ноќевања оствариле турските туристи.

Директорката на АППТ Јасмина Лескаровска изјави дека промоцијата на македонските туристички дестинации и туристички продукти е зајакната и со медиумска кампања, која континуирано ќе се реализира и оваа година во Турција. 

-Целта на промотивните активности е да се придонесе кон поголема конкурентност и препознатливост на Република Северна Македонија како атрактивна туристичка дестинација, како и запознавање на светската јавност со тоа што нѐ прави различни, а е отсликано преку природата, историјата, културата и гастрономијата. Трендовите налагаат развој на руралните подрачја и еко-дестинациите, вели Лескаровска.

Информира и дека следна активност на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот е зајакнување на човечките капацитети преку обуки за развој на одржливи форми на туризам и зајакнување на капацитетите за зелени дестинации и нивна сертификација. хс/нд/

Фото: Агенција за промоција и поддршка на туризмот

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан