• вторник, 24 декември 2024

Македонскиот фудбалски клуб „Рокдејл Илинден“ првак на Националната премиер лига на Нов Јужен Велс

Македонскиот фудбалски клуб „Рокдејл Илинден“ првак на Националната премиер лига на Нов Јужен Велс

Сиднеј, 18 август 2024 (МИА) – Фудбалскиот клуб „Рокдејл Илинден“ од Сиднеј, основан од македонскиот иселеници во Австралија го оствари својот сон – вчера клубот и официјално се закити со титулата Првак на Националната премиер лига за мажи на Нов Јужен Велс за 2024 година.

Титулата е заслужена бидејќи тоа беше најконзистентниот тим во текот на целата сезона, а фудбалерите на, „Илинден“ останаа верни на својата посветеност во играњето свој специфичен стил на фудбал, што ги донесе до врвот на НПЛ лигата во Нов Јужен Велс.

Како најуспешен меѓу фудбалерите оваа сезона се издвојува капитенот Алек Урошевски, вистински лидер кој живее и дише за „Илинден“.

Урошевски, кај нашинците во Австралија познат како „Пекарот“ се истакна на многу полиња во текот на својата кариера во „Илинден“. Тој го држи рекордот за најдобар стрелец во историјата на клубот, а беше прогласен и за најдобар играч оваа сезона во Лигата.

Амбициите на „Илинденци“ секако растат и следната цел што клубот се надева дека ќе ја постигне е освојување на Шампионатот. Независно амбициите, и овој успех е сосема доволен за навивачите и поддржувачите на клубот со нетрпение да ги исчекуваат финалните натпревари во шампионатот на Нов Јужен Велс.

Независно натамошниот тек на натпреварите, сезоната 2024 ќе биде долго запаметена во клубот „Илинден“ како годината во која клубот за првпат ја освојува титулата по 40 години. аб/зс/

фото/МИА

 

Остани поврзан