• вторник, 25 март 2025

Македонскиот народен театар на „Стериино позорје“ во Нови Сад

Македонскиот народен театар на „Стериино позорје“ во Нови Сад

Скопје, 25 март 2025 (МИА) - Со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин, Македонскиот народен театар ќе учествува на 70. издание на фестивалот „Стериино позорје“, што ќе се одржи од 26 мај до 3 јуни оваа година во Нови Сад, под мотото „Создавање историја/менување на иднината“.

За ова денеска на прес-конференција во Нови Сад информираа селекторката Ана Тасиќ, директорот на фестивалот Мирослав Радоњиќ и извршениот директор на фестивалот Горан Ибрајтер.

Покрај МНТ, во натпреварувачката програма учествуваат и Загребачко казалиште младих, Црногорско народно позориште, Атеље 212, Југословенско драмско позориште, Српско народно позориште, Нови Сад и други.

-Последното учество на МНТ беше пред 22 години на 29 мај 2003 година со претставата „Павиљони“ од Милена Марковиќ, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. Последните награди кои ги добива МНТ се на тогашните 30. Југословенски театарски игри „Стериино позорје“, Нови Сад, што се одржа од 26 мај до 3 јуни 1985 година: Награда за претстава во целина за „Среќна нова ’49“; награда за режија за Слободан Унковски за „Среќна нова ’49“; награда за актерско остварување на Ненад Стојановски за улогата на Пиги во „Среќна нова ’49“ и награда за сценографија за Динка Јеричевиќ за „Среќна нова ’49“. Следната 1986 година, наградата за особени заслуги ја добива и режисерот Димитар Ќостаров, се вели во соопштението на МНТ .бт/дма/

Фото: Кире Галевски

Остани поврзан